Мехај: Косово ќе биде 33-та земја членка на НАТО

– Косовскиот министер за одбрана, Арменд Мехај, по повод денешното претставување на дроновите Бајрактар ТБ-2 што владата ги купи од Турција за Безбедносните сили на Косово (ФСК), изјави дека Косово ќе биде 33-та земја што ќе се зачлени во НАТО.

Во објава на неговата страница на Фејсбук, по претставувањето на новокупените турски дронови, заедно со премиерот Албин Курти и командантот на ФСК, Башким Јашари, Мехај порача дека Косово ќе продолжи посветено да ги извршува своите обврски и заедно со меѓународните партнери ќе ја оствари намерата за зачленување во НАТО.

– Наредните проекти ќе бидат големи чекори во правец на развојот на нашата сила. ФСК, со борбениот дух наследен од ОВК (Ослободителната војска на Косово) и со новата опрема која ја набавуваме секојдневно, станува нескршлива војска и гарант на мирот. Република Косово треба да биде 33-та земја која се зачленува во НАТО, нашите задачи на тој пат ќе ги извршуваме посветено и заедно ќе го реализираме и тој стремеж, напиша Мехај.

Тој ја оцени набавката на новата опрема за косовската војска како огромен проект, кој е успешно завршен „со силната поддршка на меѓународниците“.

– Од денот кога го презедов мандатот како министер…, мој главен приоритет беше купувањето вооружување и опремувањето на ФСК со модерно оружје од последната технологија, кое е со стандардите на НАТО. Дроновите Бјарактар се последен вид оружје што го купивме, кое сметам дека беше неопходно за одбрана на нашата земја. Овој процес не беше лесен, но со беспоштедна поддршка од премиерот Курти, од Владата и исто така со силната поддршка на меѓународниците со кои ќе продолжиме да чекориме рамо до рамо како и секогаш, успеавме да го заокружиме успешно и овој огромен проект, напиша Мехај.

На претставувањето на новото вооружување за косовската војска, премиерот Курти денеска рече дека во изминатите две години, колку што е на власт, неговата влада го зголемила за над 80 отсто бројот на војници и над 100 отсто буџетот за војската.

Можноста дека ќе се купат дронови Бајрактар беше спомената од официјална Приштина кон крајот на минатата година, по што, како што потсетуваат домашните медиуми, Србија ја предупреди Турција дека снабдувањето на косовската војска со тие борбени средства ќе влијае на односите меѓу Белград и Атина.