Зголемување на родовата рамноправност, поголема независност, слобода и правда се само дел од фронтовите на кои жените се борат со децении.
Со цел охрабрување и поддршка на женската борба во општеството, Обединетите нации во 1975 година започнаа со славење на 8 март – Меѓународниот ден на жената.
Чествувањето на овој ден се врзува со низа настани и инцијативи поврзани со воведување на универзалното право на глас, на почетокот на минатиот век, како и со разни активности на работничките движења во Северна Америка и Европа.
Првата регистрирана прослава на Денот на жената е на 28 февруари 1909 година во Њујорк во организација на Социјалистичката партија на Америка, а веќе од следната година се организирани и првите демонстрации и манифестации во Европа посветени на правата на жените.
Инспирирани од овие настани, германските делегатки предводени од Клара Цеткин, на Меѓународната женска социјалистичка конференција одржана во август 1910 година во Копенхаген, предложија чествување на Ден на жената, иако во нивната иницијатива не беше посочен конкретен датум. Предлогот беше прифатен од страна на учесничките на Конференцијата со идеја Денот на жената да се искористи за промовирање на заложбите за родова еднаквост и за доделување на правото на глас на жените.
По ова, веќе следната година на 19 март ширум Европа е организирано првото одбележување на Меѓународниот ден на жената со одржување на протести на кои е побарано воведување на право на глас на жените, овозможување тие да вршат јавни функции, како и спречување на половата дискриминација при вработувањето.
Во првите години на 20 век не постоел усогласен датум на меѓународно ниво за одбележување на Денот на жената. Во САД во тој период „Националниот ден на жената“ се одбележувал во последната недела во февруари, додека во Русија првото чествување на „Меѓународниот ден на жената“ било организирано во 1913 година и тоа во последната сабота во февруари според Јулијанскиот календар, ден што според Грегоријанскиот календар бил 8 март.
Денес, прославувањето на денот е секаде различен. Во некои земји 8 март е ден кога се организираат протести, додека во други земји тоа е средство за промовирање на родовата еднаквост.
Во некои земји како Авганистан, Ерменија, Белорусија, Камбоџа, Куба, Грузија, Лаос, Монголија, Црна Гора, Русија, Уганда, Украина и Виетнам, Меѓународниот ден на жената се одбележува како национален празник.
Во земјите од регионот, денот се одбележува со низа настани посветени на економската, политичката и општествената борба за рамноправност на жените.
Според податоците достапни на македонскиот Државен завод за статистика, во земјава, во третото тримесечје од 2023 година, во вкупниот број на вработени лица од 15 до 64 години повеќе застапени се мажите (56,2 проценти) во споредба со жените (43,8 проценти). Жените се најзастапени како медицински сестри, шивачки, сметководители, наставнички, економисти, продавачки и правни застапници. Статистичките податоци покажуваат и дека мал е бројот на жени на раководни позиции, од вкупниот број работодавачи во 2021 година, само 19 проценти биле жени.
Жените исто така се значително помалку активни на пазарот на труд. Стапката на вработеност на жените во земјава во 2021 година изнесувала 38,3 проценти, односно 55,1 процент од жените биле економски неактивни во споредба со стапката на активно учество на мажите на пазарот на труд која изнесувала 56,2 проценти, додека стапката на неактивност била 32,8 проценти.