Најголем дел од суверените држави вовеле право на глас за жените во текот на 20 век. Во регионот на Балканот, жените добиле право на глас по завршување на Втората светска војна во 1945 година.
Секоја година 8-ми март, Меѓународниот ден на жената се слави за да се одбележат и почитуваат достигнувањата на жените, да се подигне свеста за родовите разлики и дискриминацијата, како и да се промовира глобалната поддршка за жените. Но, што знаете за Меѓународниот ден на жената. Во прилог се пет факти поврзани со овој ден.
Историјата зад 8 март
Меѓународниот ден на жената има историска поврзаност со бројните протести што ги организирале жените борејќи се да бидат рамноправни со мажите, како на пазарот на трудот така и во општествениот живот.
На 28 февруари 1909 година, тогаш активната Социјалистичка партија на Америка го прослави првиот Национален ден на жената во комеморација на 15.000 жени кои протестираа во Њујорк против суровите работни услови и помалите плати.
Во 1910 година, Клара Цеткин, застапник за правата на жените и водач на германската женска канцеларија за Социјалдемократската партија, ја предложи идејата за глобален Меѓународен ден на жената.
На 19 март 1911 година се одржа првиот Меѓународен ден на жената, со учество на повеќе од 1 милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.
Жените немале право на глас дури и во многу земји кои во тоа време себеси се нарекувале демократски. Прва земја што го овозможила ова право била Нов Зеланд. Најголем дел од суверените држави вовеле право на глас за жените во текот на 20 век како Русија во 1917 година, Германија во 1918 година, САД во 1920, но без можност да гласаат Афроамериканците кои го добиле тоа право во 1965 година. Во регионот на Балканот, жените добиле право на глас по завршување на Втората светска војна во 1945 година.
ОН го воспостави Меѓународниот ден на жената во 1975
На Обединетите нации им требаше до 1975 година да го признаат и да започнат со славење на Меѓународниот ден на жената. Оттогаш, ОН служат како главен спонзор на годишниот настан, охрабрувајќи повеќе земји да ги препознаат „актите на храброст и решителност од обичните жени кои одиграле извонредна улога во историјата на нивните земји и заедници“.
И за оние кои се прашуваат и се чувствуваат изоставени (преболете го тоа), постои Меѓународен ден на мажите, кој се слави на 19 ноември во повеќе од 80 земји во светот, вклучително и ОК. Тој е обележан само од 1990-тите и не е признаен од ОН.
Национален празник во многу земји
Прославувањето на денот варира во зависност од земјата. Во некои, тоа е ден кога се организираат протести, додека во други земји, тоа е средство за промовирање на родовата еднаквост. Во некои земји, Меѓународниот ден на жената се одбележува како национален празник.
Денот е признаен како официјален национален празник во Авганистан, Ерменија, Белорусија, Камбоџа, Куба, Грузија, Лаос, Монголија, Црна Гора, Русија, Уганда, Украина и Виетнам.
Ден на жените или мајките?
Во одредени земји како Албанија, Северна Македонија, Србија и Узбекистан, Денот на жената се прославува и како Ден на мајката, со цел да се нагласи важноста на жените како мајки.
Во Кина на многу жени им се дава полудневен одмор од работа, додека италијанската Феста дела Дона се слави со дарување мимози.
Која е темата на ОН годинава
Од 1996 година, секој Меѓународен ден на жената има официјална тема.
Првата тема усвоена од Обединетите Нации ( ОН) во 1996 година беше „Прославување на минатото, планирање за иднината“.
Минатата година, темата за беше Победете ги предрасудитe (#Break The Bias), која ги истакна проблемите со кои се соочуваат жените поради родовите предрасуди.
Оваа година, веб-страницата за Меѓународниот ден на жената објави дека е #EmbraceEquity. Како што се наведува на веб-страницата, 2023 година се фокусира на тоа како родовата еднаквост треба да биде дел од ДНК-то на секое општество:
„Целта на темата на кампањата #EmbraceEquity е да го натера светот да зборува за тоа зошто еднаквите можности не се доволни. Луѓето почнуваат од различни места, така што вистинската вклученост и припадност бараат правична акција“.
Сите слики поврзани со овогодинешното прославување на Меѓународниот ден на жената го прикажуваат гестот на гушкање, промовирајќи прегратка на правичноста.
Друг белег на оваа година е темата „DigitALL: Иновации и технологија за родова еднаквост“, со цел да ги освести луѓето за важноста и придонесот на дигиталната технологија во откривањето на прашањата за родовата нееднаквост и дискриминација.
Преку оваа кампања ќе се истражува влијанието на дигиталниот родов јаз врз нееднаквоста кај жените и девојчињата, бидејќи ОН проценуваат дека недостатокот на пристап на жените до онлајн светот ќе предизвика загуба од 1,5 трилиони долари на бруто домашниот производ на земјите со низок и среден приход до 2025 година, доколку не се преземе соодветна акција.
„Од најраните денови на компјутерите до денешното доба на виртуелната реалност и вештачката интелигенција, жените дадоа огромен придонес во дигиталниот свет во кој сè повеќе живееме“, велат од ОН.
„Нивните достигнувања беа против сите шанси, во поле кое историски не им посакува добредојде, ниту ги цени.
TRT Balkan