Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Резолуцијата 75/274 на 28 април 2021 година, во која го утврди 10. март како Меѓународен ден на жените судии, со цел да се унапреди целосното и еднаквото учество на жените на сите нивоа во судството.
Иако жените и мажите се еднакви според законот, жените во Западниот Балкан сè уште се во инфериорна положба во однос на мажите во сите сфери на јавниот и приватниот живот. Разликата во вклученоста и третманот на жените е очигледна во речиси сите аспекти од нивниот секојдневен живот, почнувајќи од пониски стапки на вработеност и поседување имот до поголема економска хендикепираност. Понатаму, поверојатно е жените да се погодени од особено забележливо и широко распространето родово засновано насилство. Бидејќи судовите во крајна линија обезбедуваат спроведување на законите и заштита на човековите права, улогата на жените судии никогаш не била позначајна. Сепак, жените сè уште се недоволно застапени во судството, особено кога станува збор за високи раководни позиции во судството. Со одбележувањето на Меѓународниот ден на жените судии, организацијата AIRE центар сака да ги истакне извонредните вработени жени кои го отвораат патот кон поголем пристап до правдата и заштита на правата на сите граѓани. Застапеноста на жените во судството е од клучно значење за обезбедување правда за сите граѓани, особено кога станува збор за историски маргинализирани групи во општеството. Навистина, работата на жените судии има моќ да го обликува животот на целата заедница, бидејќи со казнување на неправдите тие, исто така, вршат одвраќање од вршење такви дела во иднина.
„Вистинска правда може да се постигне само кога судството вистински ја одразува разновидноста на општеството на кое му служи, вклучувајќи и еднаква и значајна застапеност на жените, кои внесуваат уникатни перспективи и искуства во судскиот процес. Забележувам дека застапеноста на жените во судството се подобрува, но борбата треба да продолжи натаму кон остварување правичен систем што ги одразува талентите, професионалноста и потенцијалот на сите“, рече Наташа Габер-Дамјановска, судијка и директорка на Академијата за судии и јавни обвинители во Северна Македонија и членка на Мрежата на поборници за родова еднаквост во судството.
Gresa Caka-Nimani (Греса Цака-Нимани), претседателка на Уставниот суд на Република Косово и членка на Мрежата на поборници за родова еднаквост во судството, изјави дека „судовите се најефективниот механизам за спроведување еднаква заштита на гарантираните права“.
„Судови со разновидна родова припадност не само што ги подобруваат вклученоста и легитимитетот, туку придонесуваат и за постепено елиминирање на родовите стереотипи, прилагодување на културните ставови и родовата перспектива при донесување одлуки. Со тоа се подобрува квалитетот на одлучувањето и се унапредува довербата во судскиот систем и пристапот до него. Иднината налага континуирано зголемен број жени судии на раководни позиции. Ова ќе ја трансформира нивната улога од носители на судско одлучување кон лидери на реформи и обликувачи на системите за управување и владеење на правото во соодветните земји“, рече судијката Цака-Нимани.
Sokol Sadushi (Сокол Садуши), вршител на должноста претседател на Врховниот суд на Албанија, изјави дека, и покрај разните тешкотии и предизвици, многу жени го отворија патот за остварениот напредок кон родова еднаквост и успеаја да ги надминат тие тешкотии и предизвици и да се издигнат на позиции во највисоките судови. Тој истакна дека „преку развивање регионална соработка, збогатување на правосудното образование за родова еднаквост во судскиот систем и унапредување на солидарноста меѓу машките и женските судии, можеме заедно да успееме да ја зголемиме родовата свест во Западниот Балкан“.
„Важно е да се истакне дека застапеноста на жените на сите нивоа на судството дава вреден придонес кон зајакнување на легитимитетот на судовите, еднаков пристап до правдата и доверба од јавноста. Присуството на жени во судските средини води кон здрава демократија и го зголемува кредибилитетот на спроведување на правдата преку обезбедување поинаква перспектива. Затоа, одлучувањето со родова перспектива треба да добие примарен фокус во правосудната сфера“, рече судијата Садуши, кој е член на Мрежата на поборници за родова еднаквост во судството.
Мирјана Поповиќ, судијка на Апелациониот суд на Црна Гора и претседателка на Здружението на жени судии на Црна Гора, истакна дека вклученоста на жените во судството е од суштинско значење за легитимитетот на судовите. На Меѓународниот ден на жените судии, таа потсети дека „постигнувањето еднаквост на жените судии, во однос на застапеноста на сите нивоа во судството, е цел што мора да се постигне не само за жените, туку и затоа што е правилно и неопходно да се постигне поправедно владеење на правото и зајакнување на довербата на јавноста во судството кое, како резултат на тоа, ќе биде перцепирано како потранспарентно, поинклузивно и како вистински претставник на граѓаните врз чии животи тоа влијае.“
„Соочени сме со бројни родови предизвици и бариери кога станува збор за постигнување родова рамнотежа во нашето судство, почнувајќи од процесот на избор на женски судии, именување женски судии на високи позиции во судството, градење капацитети за родова еднаквост во судството, градење стимулирачка работна средина за жените во судството, родово сензитивна организација на работата во судството итн. Сепак, искрено верувам дека овие и многу други предизвици ќе послужат само како поттик за сите кои се вклучени во овие процеси. Ако успешно ги надминеме овие предизвици, судството може да стане гарант на еднаквоста и правдата насекаде. И за сите!“, изјави судијката Поповиќ.
Оливера Пејак-Прокеш, судијка на Апелациониот суд во Нови Сад во Србија, кажа дека „жените во судството внесуваат своја, поинаква перспектива и искуство и заедно со мажите го зајакнуваат правосудниот систем, придонесувајќи за поефикасна заштита на човековите права и зајакнување на довербата на граѓаните во судството во целина“, нагласувајќи дека тоа е особено забележливо во „областа на заштита од сите форми на родово засновано насилство, заштита на правата на децата, како и заштита на жртвите на тешки кривични дела“.
„Покрај општата цел за вклучување на повеќе женски судии во судството, мораме да истакнеме дека нивниот број не е еднаков на реалната моќ потребна за значително влијание врз судскиот систем. Жените во судството сè уште се соочуваат со стереотипи и предрасуди кога станува збор за родовата еднаквост. Важно е постојано да се промовира важноста на жените во судството, да се применуваат меѓународните стандарди и начела, да се разменуваат искуства со судии од други земји“, кажа судијката Пејак-Прокеш, која е членка на Мрежата на поборници за родова еднаквост во судството.
Минатата година AIRE центарот, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, ја оформи Мрежата на поборници за родова еднаквост вo судството (Gender Champions in the Judiciary Network), преку која тој здружи еминентни судии од Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово кои се посветени на зајакнување на родовата еднаквост во земјите од Западниот Балкан. Ова е прва мрежа што ги обединува судските професионалци во регионот за промовирање на родовата еднаквост. Конечно, Мрежата на поборници за родова еднаквост во судството ќе го поддржи подобрувањето на професионалниот и личниот развој на судијките во регионот.
„За жените во балканските општества да живеат не само живот без страв, туку и целосно да учествуваат во сите негови аспекти, родово заснованото насилство мора да се спречи и да се казнува и на жените да им се гарантира еднаков пристап до услуги и еднаквост во уживањето на сите нивни права. Без судовите во крајна линија да обезбедат спроведување на законите, нашите заложби остануваат на ниво на декларации. Оттука произлегува важноста на пораката што правосудните системи ја испраќаат со формирањето на оваа мрежа: Ја препознаваме важноста на родовата еднаквост и подготвени сме да придонесеме за остварување на човековите права и слободи во регионот“, кажа Билјана Брејтвејт, програмска директорка на AIRE центарот за Западниот Балкан.