Музеите во Северна Македонија традиционално ги отвораат своите врати овозможувајќи бесплатен влез за посетителите.
„Музеи, одржливост и благосостојба“ е мотото под кое денес ќе биде одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, според најавата од Министерството за култура на Северна Македонија музеите традиционално ќе ги отворат своите врати и ќе овозможат бесплатен влез за посетителите, ќе поставуваат изложби, ќе организираат промоции, работилници и разни едукативни активности, со цел да го доближат движното културно наследство до што поголем дел од јавноста.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во промоцијата на одржливост и благосостојба, можат да инспирираат, да образоваат и да иницираат позитивни промени во различни аспекти на животот за сите нас.
Постојат многу начини за музеите да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста, до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје.
Меѓународниот ден на музеите се одбележува на 18 мај – датум избран на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ во 1977 година во Москва. Целта на одбележувањето е да се насочи вниманието на јавноста од целиот свет кон музејската дејност.
Колку музеи има во светот?
По повод Меѓународниот ден на музеите, вреди да потсетиме колку официјално во светот има музеи, според евиденцијата на Организацијата за наука, образование и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), која истражувајќи го влијанието на пандемијата од коронавирусот врз музеите, помеѓу другото, направи и листа на сите музејски институции во светот.
Според листата на УНЕСКО, во светот постојат околу 95.000 музеи, што е 60 отсто повеќе отколку во 2012 година. Интересно е што повеќето се наоѓаат на европскиот континент.
Најголем број музеи во однос на бројот на жителите имаат таканаречените микродржави, кои имаат многу мал број на жители, најчесто под еден милион.
Па така, прва на листата е Ниуе, островска држава во Океанија, која според статистиката на УНЕСКО има 625 музеи на милион жители иако реално во земјата нема ниту толку музеи, ниту толку жители.
На второ место е Андора со 324,7 музеи на милион жители, Сан Марино е на третата позиција (323,5), потоа следуваат Монако (256,4) и Исланд (192,6).
Колку музеи на милион жители имаат земјите во регионот?
На шестото место се наоѓа Црна Гора, држава која според евиденцијата на УНЕСКО има 620.000 жители и има вкупно 99 музеи. Тоа значи дека Црна Гора би имала 159,2 музеи на милион жители.
Податоците покажуваат дека Хрватска има вкупно 287 музеи или 70,2 музеи на милион жители. Словенија има 45 музеи на милион жители, Албанија 28,6 музеи на милион жители., а Србија има 20,6 музеи на милион жители. Босна и Херцеговина и Северна Македонија спаѓаат во групата земји со најмал број на музеи на милион жители. Северна Македонија има вкупно 26 музеи или 12,5 на милион
жители, додека Босна и Херцеговина има 9,6 музеи на милион жители, а вкупно 32 музеи.
Што една институција ја прави музеј?
Меѓународниот совет на музеи (ICOM), организацијата во рамките на УНЕСКО која постои 77 години, а која е посветена на музеи на целиот свет, по долга дебата, минатата година ја објави официјалната дефиниција за тоа што некоја институција ја прави музеј.
Според дефиницијата, Музеј е непрофитна, трајна институција во служба на општеството која собира, конзервира, интерпретира и го изложува материјалното и нематеријалното наследство.
„Музеите се отворени за јавноста, достапни и инклузивни, негувајќи го диверзитетот и одржливоста. Функционираат и комуницираат етички, професионално и со учество на заедниците, нудејќи различни искуства за образование, уживање, размислување и споделување на знаење“, соопштија од Меѓународниот совет на музеи.
TRT Balkan