Меџити задоволен од одзивот на граѓаните за вакцинација против сезонски грип, за една недела имунизирани над 10.000 лица

 Министерот за здравство, Фатмир Меџити, денеска, во Поликлиника „Бит Пазар“ го посети пунктот за вакцинација против сезонски грип, од каде изрази задоволство од досегашниот интерес на граѓаните, и повика оние кои не се вакцинирани, да се пријават преку системот вакцинација.мк, бидејќи како што рече, вакцините се безбедни и ефикасни и играат значајна улога во спречувањето на ширење на заразни болести.

Меџити соопшти дека за една недела од почетокот на вакцинацијата, се пријавиле вкупно 51.649 граѓани, додека пак, над 10.000 граѓани се веќе имунизирани. Податоците го потврдуваат високиот интерес кај граѓаните, вели Меџити, и додаде дека СМС порака со термин за вакцинација добиле над 370.000 граѓани.

-Одлуката за имунизација значи посветена грижа за сопственото здравје, но и за благосостојба на целото наше општество. Од витално значење е да се подигне свесноста за придобивките од вакцинацијата и сите заедно да бидеме посветени на нашите заложби да се заштитиме себеси и тие околу нас. Важно е нашата заедница да биде добро информирана и да ги охрабриме сите граѓани, а особено тие кои припаѓаат на ранливите групи да ја искористат можноста за имунизација која може да значи и спас на животи, истакна Меџити.

Во вакционалниот пункт на Поликлиника Бит Пазар, за една недела вакцина против сезонски грип примиле 824 лица, додека пак, термин за вакцинација закажале вкупно 3.957 граѓани, но како што рече Меџити, бројот секојдневно расте.

Годинава, Министерството за здравство обезбеди 60.000 бесплатни вакцини наменети за имунизација на ризичните категории граѓани и здравствените работници, додека пак, центрите за јавно здравје обезбедуваат вакцини и за комерцијална употреба.

Меџити, во одговор на новинарско прашање за најавата за ажурирање на позитивната листа која требаше да се случи во месец октомври, рече дека Комисијата ги разгледала сите апликации од фармацефтските компании што биле доставени и дека во текот на ноември ќе бидат објавени лековите кои се ставени на позитивна листа.

Тој истакна дека листата ќе се ажурира два пати годишно, но како што рече, се работи за долг и макотрпен процес, затоа што листата не била ажурирана 15 години. Министерот додаде дека Комисијата се соочила со непредвидени неправилности, како и недоволна документација од страна на фармацефтските компании.

-Некоја работа доколку не ја движите 15 години, нормално е дека ќе произлезат некои непредвидливи неправилности или недоволна документација и сл. Ние се соочуваме со тоа и не можеме да кажеме кога точно ќе биде, но стоиме цврсто зад тоа што го ветивме. Цело време ви викам дека бирократските процедури не можеме преку ноќ да ги тргнеме, но како Министерство работиме макотрпно да ги поедноставиме комплицираните работи што биле порано, рече Меџити во одговор на новинарско прашање.