Меџити: Носењето на уставните измени поврзани со Преговарачката рамка услов за евентуална коалиција по парламентарните избори

– Претседателот на партијата Демократско движење и пратеник во Собранието, Изет Меџити изјави дека носењето на уставните измени поврзани со Преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ ќе биде услов за евентуална коалиција по парламентарните избори со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ. 

Меџити, во интервју во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, вели дека за Албанците, но и за сите други граѓани на Македонија, приоритет над приоритетите е европската интеграција, и затоа нивниот став е јасен – носење на уставните измени со кои би се отворил патот на земјата кон Европската Унија.

Демократско движење, според него, нема по секоја цена да прифати да биде дел од некоја власт која нема да има приоритет „да ја започне работата со европските интеграции“.

Ние немаме друг избор, друга алтернатива немаме. Ние себеси не се гледаме како дел од власт која нема да има евроатланска ориентација. Ова сме го докажале пред две години, со придонесот на Кастриот Реџепи, а и мој со тоа што успеавме да ја задржиме Македонија на евроатлантскиот пат, рече Меџити.

На прашањето колку пати дневно разговара со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тој кажа дека со него нема комуникација ниту на дневно ниту на месечно ниво. Меџити рече дека единствен фокус за Движењето е структурирање на програмата, идеите и унифицирањето на ставовите на албанската опозиција. 

Тој ја повикува Алијансата на Албанците да им се приклучи во опозициската коалиција. 

-Јас сум убеден дека ако останат со заеднички листи со ДУИ и ДПА, разочараните гласачи или ќе останат дома или дел од нив ќе гласаат за албанската опозиција, бидејќи го поддржуваат опозицискиот дух и знаејќи го ова, апелирам (до Алијанса за Албанците, н.з.) да ја разгледаат нивната позиција и да дојдат каде што им е местото, во албанската опозиција, рече Меџити. 

Според него, Алијанса за Албанците се претворила во патерица за спас на Артан Груби и Владата, а нивните гласачи не се задоволни со тоа што се во комбинација со ДУИ.