Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска во Владата на Република Македонија одржа прес-конференција по повод пристигнувањето на лекот Трикафта за пациенти со цистична фиброза.
Тој рече дека поради бирократските процедури кои создаваат паника кај пациентите со цистична фиброза, револтот на членовите на нивните семејства и роднините е оправдан.
„Дури и јавниот револт беше оправдан и ние како Влада моравме нешто да промениме. Како министер за здравство и пред се како доктор веќе подолго време, моите пациенти и нивното здравје отсекогаш биле на прво место. Отсекогаш сум се обврзал да ги решавам потребите на пациентите, како што се потребите од лекови, дијагностика, помош, но и за секојдневните потреби на пациентите, а сето тоа се решава што порано. Бирократските пречки не можат и не треба да бидат причина за здравјето на граѓаните“.
„Лекот Трикафта сега е на Универзитетската клиника за детски болести. Со 100 милиони денари се добива терапија за следните месеци. Дополнително, за лекот се планирани 854 милиони денари, за 2024 и 2025 година, така што на пациентите со цистична фиброза ќе им се обезбеди терапија во наредните две години, рече Меџити.
Тој додаде дека пациентите со цистична фиброза се вклучуваат во терапијата етапно, според Протоколот и правилните критериуми за евалуација се носи одлуката за примање на терапијата.
„Списокот на пациенти е направен од Комитетот на експерти, по лекарски прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според добиените бодови. Лекот Трикафта е безбеден лек, одобрен од Европската агенција за лекови. Она што е многу важно, ефектот од терапијата е брз, значаен и траен. Во Европа лекот е стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза“, рече Меџити.