МИНИМАЛНА ПЛАТА 20.175! Минималната плата што досега изнесуваше 18.000 денари од следниот месец ќе биде повисока за 2.175 денари
Минималната плата што досега изнесуваше 18.000 денари од следниот месец ќе биде повисока за 2.175 денари и годинава бележи пораст од 12,55 проценти. Согласно со Законот за административни службеници, како што најави денеска премиерот Димитар Ковачевски, ќе се изврши усогласување и на платите на 27 000 службеници.
– Како што ветивме, од април минималната плата ќе биде повисока за 2.175 денари и ќе изнесува 20.175 денари. Тоа значи дека над 12 проценти имаме зголемување на основната, минимална плата. Согласно Законот за административни службеници, ќе се усогласат останатите плати за 27.000 службеници, изјави Ковачевски по седницата на Економско-социјалниот совет.
Зголемувањето на минималната плата е направено согласно новата методологија за усогласување донесена во 2022 година по преговорите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите. Согласно новата методологија, минималната плата се усогласува со 50 отсто од трошоците за живот и 50 отсто со растот на просечната плата.
– Минималната плата во 2023 година пораснува за 12,55 проценти. Ова значи дека во државата со исплатата на мартовската плата, нема да има пониска плата од 20.175 денари, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
За вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, денешното зголемување на минималната плата е показател како преку системско решение и дијалог се утврдува минималната плата.
– Се радувам што дојде денот кога дефинирањето на минималната плата веќе не е предмет на преговори, кавги, уцени и купување на политички поени. Граѓаните ќе добијат за 2.175 денари повисока минимална плата со мартовската исплата на плата. Денеска на ЕСС каде преку дијалог со синдикатите и работодавачите во 2022 година се договривме за системко решение и нова методологија за постојан раст на минималната плата, денес ја утврдиме сегашната минимална плата, изјави Битиќи.
Од Сојузот на синдикати на Македонија ги повикаа работодавачите да ги усогласат останатите плати со висината на минималната плата за да не дојде до урамниловка.
– Сакаме да ги повикаме работодавачите и во приватниот и во јавниот сектор да најдат сили и начин да ги усогласат платите и на останатите вработени за да не дојде до урамниловка каде нема да имаме силно мотивирани работници туку ќе имаме работници кои ќе се споредуваат едни со други за тоа колку плата земаат, изјави Златко Цветковски од ССМ.
Од Организацијата на работодавачите на Македонија изјавија дека поддржуваат системски решенија и дека секогаш се за тоа да се мотивираат и наградуваат добрите работници.
– Ги поддржуваме добрите, продуктивните работници и се стремиме нашите вработени да имаат добра куповна моќ. Ова законско решение е веќе стокмено и немаме потреба да разговараме понатаму за негови измени, меѓутоа мора да разговараме во една друга насока, а тоа е да имаме попродуктивни работници, да имаме млади луѓе кои ќе бидат задоволни и млади луѓе копи ќе сакаат да работат во приватниот сектор, рече Владанка Трајковска, претседателка на ОРМ.