– Министерката за одбрана Јана Чернохова ги обвини Обединетите нации (ОН) за „поддршка на терористите“ и дека не го почитуваат правото на самоодбрана и побара од Чешката Република, поради резолуцијата за конфликт во Израел, да излезе од светската организација.
– Само 14 земји, вклучително и нашата, јасно и разбирливо се изјаснија против невидениот терористички напад на терористите од Хамас. Се срамам од ОН. Според мене, Чешка нема што да бара во организација која навива за терористи и не го почитува основното право на самоодбрана. Да излеземе, напиша Чернохова синоќа на Х.
Чешка е меѓу земјите кои го поддржуваат Израел, и во последниот конфликт со Хамас, а премиерот Петр Фијала и шефот на дипломатијата Јан Липавски го посетија Ерусалим за да и дадат недвосмислена поддршка на израелската влада. Тие нагласија дека Израел има право на самоодбрана, а во практични чекори официјална Прага, сепак, го следи ставот на Европската унија.
Како и поранешниот претседател на Чешка, Милош Земан, кој неодамна повика на депортација на Палестинците, исто како што судетските Германци беа етнички исчистени од тогашна Чехословачка по Втората светска војна, Чернохова е меѓу произраелските функционери на чешката политичка сцена.
Таа пред две недели, загрната со израелско знаме, отиде на контра митинг за да го попречи легалниот протест на неколку стотици луѓе на Вацлавскиот плоштад во Прага, кои поради страдањата на палестинските цивили го критикуваа начинот на кој израелските власти реагираат на терористичките напади на Хамас на 7 октомври.
Како решение за конфликтот на Блискиот Исток, поранешниот претседател Земан по избивањето на конфликтот предложи Палестинците од областите каде што сега живеат да се депортираат во пустините на Јордан и Саудиска Арабија.
– Не ми е гајле за цивилното население во Газа, кое и онака го поддржува Хамас. Се грижам за израелските војници, бидејќи секако не би било добро ако, по срамот што малку потсетува на војната Јом Кипур, дојде нов срам од големи загуби во израелската армија, рече Земан по избивањето на конфликтот.
Поранешниот чешки претседател го отфрли концептот на две држави како решение за израелско-палестинскиот конфликт.
– Секогаш потсетував на изјавата на поранешниот премиер на Израел Ариел Шарон дека Палестинците веќе имаат своја држава и се вика Јордан. Еднаш при посетата на Израел реков дека имаат можност да се инспирираат од судбината на судетските Германци кога станува збор за Палестинците. Освен Јордан, а пустината може да се наводнува исто како што тоа го направи Израел, тука е големата површина на Саудиска Арабија, го повтори Земан своето предложено решение во интервју за прорускиот портал parlamentnilisty.cz.