МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО АЛИУ ЌЕ ОДРЖУВА СОСТАНОЦИ СО ГРАЃАНИ СЕКОЈ ПЕТОК, ВЕЛИ ДЕКА ПРВИТЕ 15 ТЕРМИНИ СЕ ВЕЌЕ ПОПОЛНЕТИ
Министерот за здравство Азир Алиу најави дека неговиот кабинет ќе биде отворен за директни средби со граѓаните секој петок, а првите 15 термини се веќе резервирани. Ова беше соопштено на денешната прес-конференција во Министерството за здравство, каде Алиу ја претстави иницијативата „Отворен кабинет“.
„Вистинската реформа започнува кога институцијата ќе престане да зборува сама со себе и ќе почне да го слуша народот со отворен ум и јасна намера за промена. Затоа, денес не претставуваме само нова веб-страница, туку создаваме институција што слуша и реагира“, изјави Алиу.
Преку алатката „Отворен кабинет“ на веб-страницата на министерството, секој граѓанин може директно да закаже средба со министерот, без бирократски процедури.
„Лице в лице, човечки разговор со почит, одговорност и подготвеност за конкретни решенија. Првите 15 термини веќе се резервирани. Ова е доказ дека граѓаните имаат што да кажат и конечно имаат каде да бидат слушнати. Јас сум тука да ги слушнам“, нагласи министерот.
Според него, оваа иницијатива претставува став дека здравството не смее да биде затворен систем, туку жив организам што комуницира, вклучува и реагира навремено.
„Здравство што комуницира, вклучува и реагира не смее да биде само слоган. Тоа е јавна обврска. Обврска што јас како министер, ја прифаќам со целосна одговорност и секојдневно ќе ја исполнувам со работа, отчетност и лично присуство“, додаде Алиу.