Министерството за внатрешни работи во Македонија ќе користи и дронови за следење на изборите за побрза интервенција во случај на инциденти.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, во согласност со направените проценки и утврдените планови, на денот на изборите, полициски службеници ќе бидат присутни во близина на гласачките места и на клучните сообраќајни точки, со цел зголемување на ефикасноста и навремено откривање на евентуални нарушувања на јавниот ред и мир.
„Безбедноста на граѓаните ќе биде загарантирана со стандардни материјално-технички средства, мобилни тимови и операции на контролните пунктови, а ќе се користи и модерна технологија – дронови за воздушна контрола, со цел побрзо реагирање и преземање соодветни мерки и активности во случај на инциденти“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани и политички партии да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да се воздржат од каква било активност што може да го наруши изборниот процес.