– Министерството ќе размислува за 2024 година да ги поддржи проектите кои Општина Струмица што ги работи од областа на заштитата на животната средина, посебно проектот за еколошки јавен транспорт со електрични автобуси, порача министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, по средбата со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Таа додаде дека Општина Струмица системски ги решава проблемите во животната средина и точно знае кои се потребите на граѓаните на Општината за почиста и поздрава животна средина.
– Разговаравме за изградба на канализациски и водоводни системи, филтер станици за вода за пиење и идентификуван е проблемот за селото Банско, каде треба да се изгради филтер станица и затоа во проектирањето на буџетот за наредната година ќе го ставиме на приоритетната листа, рече Шукова.
Најави дека ќе интервенираат во реализирање на повеќе програми и ги охрабрува другите општини да работат како што работи Општина Струмица за да можат да ги користат средствата кои државата ги одобрува на годишно ниво.
Градоначалникот Костадинов информираше дека во фокусот на разговорот било воведувањето на електричен еколошки јавен превоз со што Струмица ќе биде прва општина во државата со таков превоз, а за што се формира и посебно јавно претпријатие „Струмица транспорт“.
– Очекувам оваа недела да се објави јавната набавка за десет еколошки електрични автобуси за потребите на новото јавно претпријатие со што Струмица ќе биде прва општина со целосно електрифициран јавен превоз што ја крева Општината на неколку скали повисоко пред другите општини во однос со справувањето со аеро загадувањето, рече Костадинов.
Тој очекува успешно завршување на јавната набавка и до крајот на годината да бидат испорачани првите автобуси.
Костадинов ја информирал министерката Шукова и за изградбата на велосипедската патека во Струмица, субвенционирањето за купување нови велосипеди и воведената селекција на отпадот од домаќинствата.