Министерството за здравство со ново ветување за пациентите со цистична фиброза во Македонија

Најмалку 42 пациенти со цистична фиброза до крајот на годинава ќе го добијат лекот „трикафта“. Вакво ветување од министерот Фатмир Меџити добија претставниците на Здружението за цистична фиброза на средбата што ја одржаа во Министерството за здравство.

Претседателот на Здружението за цистична фиброза Фики Гашпар информираше дека пациентите со цистична фиброза се уште чекаат системско решение.

„Ни беше посочено дека работат на тоа да донесат центар во Институтот за белодробни заболувања „Козле“, кој сакаат да го направат терцијарна здравствена установа и да го спојат за сите возрасти, да биде комплетен центар за деца, млади луѓе и возрасни. Ги покажавме искуствата што ги имаме од порано, за некои работи пациентите не беа задоволни како се одвиваат работите. Не уверија дека повеќе нема да има такви сценарија, останува да видиме што ќе биде“, изјави Фики Гашпар, претседател на Здружението на ЦФ.