Министерство за здравство: Рехабилитацијата на пациентите со тешки изгореници може да ја врши само специјализиран медицински персонал
Министерство за здравство: Рехабилитацијата на пациентите со тешки изгореници може да ја врши само специјализиран медицински персонал.
Медицинската рехабилитација, особено кај пациенти со тешки изгореници и тешки повреди, е строго регулирана здравствена дејност која може да ја вршат само здравствените установи и специјализираниот медицински персонал. Несоодветната физиотерапија без лекарска проценка може да доведе до непожелни последици по здравјето на пациентите и таквите постапки се казниви според Законот за здравствена заштита, велат од Министерството за здравство.
Од таму потенцираат дека здравствениот систем располага со соодветни капацитети и стручен медицински кадар, подготвен да одговори на потребите за итна медицинска помош, рехабилитација и долгорочна физиотерапија.
Ги повикуваме сите институции и медицинските работници да продолжат со координирана и професионална работа за да се обезбеди безбедна и квалитетна грижа за повредените, соопшти Министерството за здравство.