Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу телефонски разговараше со финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто, јави ТРТ Балкан.
Според дипломатски извори, разговорот се водел откако турскиот Парламент ја одобрил кандидатурата на Финска за членство во НАТО.
Турскиот Парламент вчера ја одобри кандидатурата на Финска за членство во НАТО. Со овој чекор сите 30 членки на НАТО го ратификуваа приемот на Финска, што е услов за влез во Алијансата.
Вознемирени поради руската инвазија на Украина пред една година, Финска и Шведска ја напуштија својата повеќедецениска политика на неврзување и во мај аплицираа за членство во Алијансата.
Меѓутоа Турција, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, побара од двете нордиски земји да преземат конкретни мерки против терористичките организации, како што се ПКК и ФЕТО, со цел да се вклучат во Алијансата.
Во јули Финска и Шведска потпишаа Меморандум со Турција за решавање на безбедносните проблеми на Анкара, а високи дипломати и официјални претставници од трите земји оттогаш одржаа различни состаноци за да разговараат за спроведувањето на трилатералниот договор.