Министрите за одбрана и миграција на Грција во посета на југоисточна Турција

– Министрите за одбрана и миграција на Грција Никос Панајотопулос и Нотис Митаракис денеска се во посета на на областите погодени од земјотресот во Турција во југоисточниот дел на земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, двајцата министри ќе се сретнат со нивните турски колеги, односно министерот за одбрана и министерот за внатрешни работи на Турција.

Весникот „Та неа“ денеска коментира дека посетата е „следниот чекор во напорите за одржување на позитивната политичка клима во грчко- турските односи“.

Министерот за одбрана на Грција во интервјуто за грчката телевизија „Мега“ минатата седмица објасни дека при размената на пораки со сочувство поради земјотресот во Турција и железничката несреќа во Грција, неговиот турски колега Хулуши Акар му предложил да ги посети подрачјата погодени од земјотресот.

Поканата била прифатена и се барал соодветен датум, со оглед на тоа дека мај е месец на избори и во двете земји, па така 4 април бил терминот за кој се согласиле двајцата министри.