МИРИСНИ И МЕКИ – Полжавите со афион и цимет одлично се комбинираат со шолја кафе, чај или млеко, направете ги денес
Есента е идеално време за подготовка на топли и меки пецива, а доброто кај ова слатко пециво е што можете да го комбинирате со кафе, чај или шолја топло млеко.Инаку, афионот е одлична храна за намалување на шеќерот во крвта, но и за нашето варење бидејќи е богат со влакна и незаситени масни киселини.
За тестото ќе ви требаат:
- 600 грама брашно
- 150 грама шеќер
- 10 грама сол
- една кесичка сув квасец
- 100 грама путер
- околу 250 милилитри топло млеко
- две јајца
- две лажички цимет
За филот ќе ви требаат:
- 400 грама мелено семе од афион
- 150 грама шеќер
- 50 грама путер
- 200 милилитри млеко
- две лажици мармалад од кајсии
Подготовка:
Во сад ставете брашно, квасец, шеќер, сол и цимет. Потоа подгответе топло млеко и додадете путер во него. Измешајте ги сувите состојки и додадете го подготвеното млеко и путерот. Додека мешате, додадете ги јајцата, а потоа месете го тестото додека не почнат да се создаваат меурчиња.
Тестото замесете го во топка, покријте го со крпа и оставете го на топло место додека не се удвои. Потоа уште еднаш промешајте и оставете да нарасне. Во меѓувреме подгответе го филот.
Прво истурете млеко во тенџере и додадете путер. Треба да се готви на тивок оган. Во исто време во сад подгответе смеса од афион и шеќер. Прелијте го млекото и стопениот путер врз смесата од афион и шеќер. Потоа додадете го мармаладот од кајсии и мешајте додека не добиете изедначена смеса.
После тоа повторно следи подготовка на тестото. Потребно е уште еднаш да се измеша и да се подели на два еднакви дела. Расукајте го тестото со сукало до дебелина од еден сантиметар и потоа покријте го со филот. Сепак, филот не го покрива целото тесто. Потребно е да се остават неколку сантиметри без полнење.
Тестото внимателно расукајте го од подмачканата кон празната страна. Кога ќе го завршите овој чекор, ставете малку брашно на ножот за да не се залепи филот при сечењето. Ролатот исечете го на прстени широки околу два сантиметри. На плехот ставете хартија за печење и наредете ги прстените.
Овие кифлички треба да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 15 минути.