Мистериозната несреќа на рускиот авион – само пет тела се доставени во мртовечница

Украина соопшти дека добила информации кои укажуваат дека само пет тела биле донесени во мртовечница од местото на падот на рускиот воен транспортен авион, што фрла сомнеж врз тврдењето на Русија дека десетици украински воени заробеници биле убиени за време на „украинската офанзива“.

Москва и Киев презентираа спротивставени извештаи за соборувањето на Јушин Ил-76, кој се урна во средата во рускиот регион Белгород.

Русија тврди дека авионот превезувал украински воени заробеници, додека Украинците велат дека имал руски ракети.

Андриј Јусов, портпарол на Одбранбената разузнавачка служба на Украина (ДИ), изјави за Си-Ен-Ен дека бројот на тела пренесени во мртовечницата одговара на бројот на воениот екипаж во авионот. „Тие не пронајдоа други тела“, рече тој.

Што може да се види на видеото?

Русија соопшти дека 74 лица загинале во авионската несреќа; меѓу кои беа шест членови на екипажот, тројца Руси и 65 украински војници. Рускиот регионален гувернер објави список со имињата на шестчлената екипа.

Москва не успеа да обезбеди визуелни докази што ќе ги потврдат тврдењата дека во авионот имало украински војници. На првите снимки од местото на несреќата, од кои некои беа емитувани на руските државни медиуми, се гледаат неколку мртви тела на земја. Засега не е објавено видео кое би покажало десетици загинати.

Рускиот истражен комитет вчера објави уште едно видео за кое тврди дека е од местото на несреќата. На него се гледаат човечки остатоци во снегот, како крвава рака. На видеото се прикажани и воздушни погледи на местото на несреќата и остатоците од авионот во посебни видеа. Не е јасно дали човечките останки на видеото се на иста локација како и остатоците од авионот.

ИЛ-76 често се користи за транспорт на ракети С-300

Русија тврди дека Украина соборила авион со воени заробеници за размена. Украинската воена команда објави дека рускиот воен авион кој се приближувал до Белгород се смета за легитимна цел, но не потврди дека пукал во него.

Москва тврди дека во воениот авион „Иљушин Ил-76“ имало 65 заробени украински војници и дека украинската страна била официјално информирана за тоа. Сепак, Јусов наведува дека Украина не добила известување дека затворениците ќе бидат транспортирани по воздушен или копнен пат.

Тој исто така рече дека ИЛ-76 често се користи за транспорт на ракети С-300 и дека Русија испраќа дополнителна муниција во регионот Белгород поради неколку напади во блискиот украински град Харков.

Службата за безбедност на Украина (СБУ) покрена кривична истрага за инцидентот. Властите повикаа и на меѓународна истрага, велејќи дека „нема докази дека во авионскиот инцидент загинал украински државјанин“