Социјалдемократскиот сојуз и Интегративците пред да зборуваат за меѓународен ветинг, треба да имаат домашна одговорност за сторениот криминал. Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева вели дека Али Ахмети денес повикува на меѓународен ветинг затоа што мисли дека така ќе се заштити себе и останатите кои недвосмислено влегуваа во милионски бизниси со нула денари влог.
„Каде беа СДС и ДУИ 7 години да побараат меѓународен ветинг или тогаш милионските тендерите во РЕК, МЕПСО и ЕСМ беа приоритет? Каде беа СДС и ДУИ да зборуваат за ветинг кога милионски суми се трошеа на набавки на рент а кар возила за два дена? Каде беа СДС и ДУИ кога фирмите блиски до нив го зголемуваа имотот со фотоволтаични централи? Зошто Ахмети и Филипче не побараа меѓународен ветинг за фирмата за надзор на патиштата и модуларните болници?“, праша Митева.
Партиската портпаролка рече дека партиите треба да одговорат како се прави империја за 7 години власт, а во нивниот денешен пристап, ВМРО-ДПМНЕ гледа обид за политичка амнестија за сторениот криминал.
Откако партискиот лидер Христијан Мицкоски пред неколку дена изјави дека ДУИ подготвува план за дестаблизиација на есен, Митева на денешната прес-конференција изјави дека ниту еден обид за дестабилизација на демократијата нема да успее, затоа и СДС треба да излезе од скутот на ДУИ и да знаат дека доаѓа време за одговори и одговорност.