Мицкоски го честита Велигден: Живееме во тешки времиња, но стоиме на вредностите во кои веруваме

Премиерот на државата, Христијан Мицкоски, на сите им го честита празникот Велигден.

Во честитката тој додава дека и покрај проблемите со кои се соочува нашето општество, Владата останува посветена на заштитата на општеството.

Целосна честитка:

„Во време на брзи општествени промени, технолошки напредок и глобален притисок врз традиционалните вредности, Владата останува посветена на заштита на корените на нашето општество и создавање услови во кои ќе се зајакнат семејството, моралот, образованието и духовноста.

Живееме во тешки времиња, полни со предизвици и искушенија, а јас сум целосно свесен дека многу наши граѓани се соочуваат со истите проблеми и грижи. Сакам да нагласам дека сите заедно мора да работиме за напредок и благосостојба на секој човек, а ова патување за обезбедување иднина не е воопшто лесно, но цврсто и непоколебливо сум решен дека заедно ќе го дочекаме до крај. Заедно да ги промениме работите, да се бориме против неизвесноста, против ударите кои имаат за цел да не потресат и да застанеме зад вредностите во кои веруваме.

На овој пат, вербата во Бога и грижата за ближниот не се само лични определби, туку темели на силно и одговорно општество.

Нека Светлината на Воскресението биде водилка во нашите заеднички напори за градење на праведно и хумано општество“, напиша Мицкоски.