Мицкоски: Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе биде дел од владата, постои опција да го напушти договорот за добрососедство

 – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача дека кога ќе бидат дел од власта, постои опција да го напуштат договорот за добрососедство со Бугарија доколку не се надминат разликите меѓу двете држави, но во тој случај, треба да видат кои би биле и нивните идни чекори. Подготвени се, како што рече, да седнат и да разговараат но бугарски диктат не прифаќаат.

-ВМРО ДПМНЕ го предложи процесот на референдум во врска со договорот за добрососедство со Бугарија, бидејќи тогаш не бевме дел од институциите, не бевме дел од Владата. Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе биде дел од Владата, тогаш има опција да го напушти договорот ако видиме дека состојбата со Бугарија е таква каква што е, дека нема можности да се преговара или да се надминат разликите. Но, тогаш треба да видиме кој е вториот, кој е третиот чекор. Ако мислиме само на првиот чекор, тогаш ќе бидеме како овој екстрем што е сега. Целта е да ги браниме националните интереси, рече вечерва Мицкоски во гостувањето на Канал 5 телевизија.

Прашан што ќе прави со условот за уставните измени доколку дојде на власт, Мицкоски посочи дека се подготвени да седнат и да разговараат за разликите со Бугарија. Но, како што посочи, бугарски диктат не прифаќаат.

– Ние рековме дека бугарски диктат не прифаќаме. Ние немаме ништо против никого. Ние можеме сите народи да ги ставиме во преамбулата, ако е тоа условот и да бидеме шампиони во таа приказна. Но, дали е тоа решение? Гледате што се случува во Стразбур, со какви луѓе ќе си имаме работа во иднина. Гледате какви се нивните позиции. Ако не се променат, нашата понуда ќе биде да седнеме и да разговараме како цивилизирани луѓе, да видиме кои се нашите разлики и како може да ги надминуваме тие разлики. Подготвени сме да седнеме и да разговараме. Ние не ја игнорираме реалноста. За жал, оваа влада прифати нешто кое што не е дел од нејзините ингеренции и не може да го испорача. Во иднина, ако се овие условите, нема да прифатиме промена на Уставот, односно вклучување на македонските граѓани кои за себе мислат дека се дел од бугарската заедница во Македонија, додаде Мицкоски.