Мицкоски: Мудроста и разумот да бидат главни двигатели на сите одлуки

 – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка по повод најголемиот христијански празник – Воскресението Христово Велигден.

– Живееме во време полно со предизвици, поделби, гнев, со омраза едни кон други, но и во време на големи неправди. А тоа највеќе нé боли! Кога гледаме дека од нашите раце сакаат да ја оттргнат надежта, соништата – нашите најмлади членови на ова општество кои притиснати од очајот на властa се приморани да ја бараат својата среќа во други држави, надвор од нивните родни огништа! Имаме задача – моја, ваша, заедничка – да му ставиме крај на ова сивило и да ги промениме работите, се вели во честитката.

Мудроста и разумот, вели Мицкоски, да продолжат да бидат главните двигатели на сите одлуки во овие историски времиња.

– Во овие празнични денови испраќам и порака кон една од нашите најголеми идентитетски тврдини – Македонската Православна Црква – Охридската Архиепископија: единството и трепетот над македонскиот оган, како и секогаш низ вековите – да продолжат да бидат главната одлика. Мудроста и разумот да продолжат да бидат главните двигатели на сите одлуки во овие историски времиња. Целосно знаејќи за она што сме и за она што мора да продолжиме да бидеме. И верувам дека нашата света црква како и до сега, ќе продолжи да биде големиот чувар на идентитетот на македонскиот народ, се вели во честитката.