Темата за уставните измени е затворена. Нема аргумент што сум го слушнал од домашната политичка сцена и од меѓународната заедница што ќе не убеди во спротивното, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Кога станува збор за уставни измени во овие услови, кои ги нарековме бугарска диктат, ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група не го прават тоа затоа што се инаетат или затоа што имаме намера да ја опструираме Владата. Не постои аргумент што сум го слушнал, без разлика дали е од домашната политичка сцена или од меѓународната заедница, што би ни се предомислил“, изјави Мицкоски за „Сител“.
Мицкоски ја оцени како глупост и лудост тезата дека со неодобрување на уставните измени првпат ќе бидеме блокирани на европскиот пат.
„Тоа е глупост и лудост, бидејќи тој што го прифати овој договор без да се консултира со главната политичка опција во државата и народот, си стави вето затоа што сега не може да го исполни, а тоа е триото Пендаровски – Ковачевски – Османи. Кога ова го прифатија без поширока консултација, тогаш направија клучна политичка грешка, бидејќи прифатија нешто што не можат да го исполнат“, рече Мицкоски.