Немавме многу успех во носењето одлуки, но сега е време вистински да одиме напред. А новата Европска комисија и претседателката Урсула фон дер Лајен, верувам дека се целосно согласни и препознаваат дека е дојдено време за храбри акции, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за Си-ен-ен, говорејќи за иднината на Европската Унија.
Во однос на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп и степенот на подготвеност на Европа, Мицотакис посочи дека „пораката требаше да ја имаме примено уште пред претседателските избори во САД“.
– Ако го прочитате извештајот на Драги е многу силно предупредување за тоа што Европа треба да го направи за да ја обезбеди својата стратешка автономија и да ја зајакне својата конкурентност. Овие предлози и овие препораки, широки препораки, веќе се дискутирани на ниво на Европскиот совет. И чувствувам зголемена динамика, дека сме стигнати до важна точка и дека треба да донесеме некои клучни одлуки, истакна Мицотакис.
На прашањето дали поддржува носење одлуки со мнозинство, грчкиот премиер посочи дека ја поддржува потребата да се разгледа извештајот на Марио Драги како целина, но „ако тоа значи дека некои одлуки мора да се носат со мнозинство, тогаш треба да се погрижиме земјите да го задржат правото на приговори за критичните прашања, како што се националната безбедност, надворешната политика или одбраната“.