Мишел по посетата на поплавените реони во Словенија: ЕУ треба да биде подобро подготвена за вакви катастрофи
Овде сум за да ја потврдам солидарноста на Европската унија и многу сум импресиониран од храброста на словенечкиот народ и од фокусот и одлучноста на властите, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој во придружба на словенечнкиот премиер Роберт Голоб го посети реонот на Словенија, што неодамна беше погоден од големи поплави.
– Јасно е дека Словенија се соочува со тешка и сложена ситуација. Ние размислуваме што можеме да направиме, за да бидеме оперативни и конкретни. Знаете дека Европската комисија даде многу важно ветување – ќе мобилизираме 400 милиони евра како почетна сума. Може да сметате и на Советот на ЕУ и на земјите-членки, порача Мишел.
Тој додаде дека е свесен оти она што досега и дадедно на Словенија како конкретна поддршка не е доволно, но дека ЕУ не го заборава словенечкиот народ.
– Ние сме денеска со вас премиере и ние сме со целиот словенечки народ. И утре ќе бидеме со вас. Нема да заборавиме што се случи овде, истакна Мишел во изјавата по посетата на поплавените области.
Претседателот на Советот на ЕУ додаде и дека ЕУ треба да биде подобро подготвена за вакви катастрофи во иднина, а за тоа се потребни повеќе пари на располагање во случај на потреба, за да можеме многу брзо да се дејствува и реагира.
– Драг словенечки народе, имаш многу пријатели низ цела Европа. Може да сметате на нас. Денес и во иднина… Ние сме и ќе бидеме покрај вас, додаде Мишел, кој допатува во Словенија за да учествува на денешниот Бледски стратешки форум.