Мијалков, Јанкулоска и Јанакиески за неколку години ќе бидат слободни граѓани – Груевски блиску до „чистилиштето“
Сѐ уште се анализира и неизвесно е кога и како ќе застарат случаите на поранешното Специјално јавно обвинителство со новите измени на Кривичниот законик. Покрај политичките математики, се прават и правни математики кој ќе се спаси. Според првичната анализа, главните обвинети во овие предмети, Мијалков, Јанкулоска и Јанакиески, за неколку години ќе бидат слободни граѓани. Што говори анализата за правните предизвици на Груевски?
Мангупски фотографии со загадочен поглед испраќа поранешниот премиер Никола Груевски, заедно со демантите што речиси секојдневно ги објавува на Фејсбук. Стана пак популарен по носењето на измените на Кривичниот законик, па сѐ анализира, калкулира, шпекулира дали Груевски ќе се врати од Будимпешта, а за возврат ќе се изгласаат уставните измени.Седењето и шетањето низ судници, па во затвор на дел од оние кои до вчера беа главни, било само правење филмови за пред народ, а сега последно со најновите измени, филмот најверојатно ќе заврши со „хепи енд“.Владата ги предложила измените на Кривичниот законик без да ја интересира дека 14 судски предмети во кои се обвинети 80 лица ќе бидат на чекор да пропаднат со бришењето на став 5 од членот 353, кој се однесува на „злоупотреба на службената положба“ и намалувањето на казната за делото „злосторничко здружување“.Најголем дел од предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство се однесуваат на член 353 став 5, односно злоупотреба на службена положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.Сега, за ваквите кривични дела ќе си важат останатите ставови од членот 353 од Кривичниот законик, кои предвидуваат затворска казна од најмногу пет години, а не како претходно, кога беше одреден само законски минимум до пет години и ова дело застаруваше по десетици години.Со оглед на тоа што најголем дел од делата се сторени пред 10 години, а казната се намалува на максимум 5 години затвор, тоа значи дека апсолутната застареност ќе дојде на 10 години од сторување на кривичното дело, па голем дел од делата, или веќе се застарени, или ќе застарат за некоја година.Според првичните и непотврдени пресметки и анализи од јавнодостапните информации, Груевски ќе се спаси во најголем дел од предметите, но ќе останат и уште кои му висат. Така во „Титаник“ му остануваат неколку кривични дела, за „Плацовите на Водно“ е осуден на девет години затвор, а не се се уште застарени ниту „Талир“ и „Талир 2“. Сепак за сите овие предмети има право да бара да му се суди повторно, како и за последните два, ако евентуално биде осуден. Извршувањето на казната за правосилната пресуди за „Тенк“ застарува идната година, а за „Шамарите во Центар“ е веќе застарена од извршување. Над глава му виси и обвинението за „крвавиот четврток“, случај за кој не му се суди во отсуство туку ќе се чека да се врати.Од новите измени ќе ќари и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Тој за неколку години ќе биде слободен граѓанин без кривични дела, откако во Струга ќе ја одлежи казната за „Империја“.Од шест предмети што беа отворени против Мијалков, четири веќе застареа, додека сега во тек се повторените судења за „Таргет-тврдина“, односно масовното прислушување и „Трезор“. Првиот предмет има големи шанси да застари и без измени, а со новите измени му застарува и единствениот случај што му остана „Трезор“.Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е една од ретките што издржува затворска казна во затворот „Идризово“ за предметот „Тенк“, за набавката на блиндираниот мерцедес по нарачка на Груевски.Таа е во затвор од 2020 година, откако Апелација ѝ ја намали затворската казна од шест на четири години, што значи дека следната година таа треба да излезе на слобода со новите измени, ако не остане да ѝ виси „Таргет – Тврдина“, уште некоја година.Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески во скоро сите случаи се товари членови и ставови кои се смените со Кривичниот законик. И тој како и Јанкулоска за „Титаник“ е условно осуден, а со измените му застаруваат предметите „ТНТ“, „Топлик“,„Траекторија“ и „Шпански скали“. Тој е обвинет и за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, „Талир“, случај кој застарува за неколку години.