Млади лекари бараат од надлежните да најдат решение за нивната платена пракса

Млади лекари со положен стручен испит и со лиценца за работа со месеци седат дома наместо да почнат со платена пракса во болниците.

Иако според закон, шестмесечната праска им е задолжителна за да можат да запишат и специјализација, велат дека се заглавени во чекалните на институциите, без одговори, загрижени за својата иднина.

„Дел од колегите ја започнаа платената пракса од шест месеци во Итната медицинска помош и здравствените домови, додека пак останатиот дел се уште чекаме. Ние секојдневно сме пред вратите на институциите и бараме одговори за тоа кога ние ќе почнеме со платената пракса, одговори се уште немаме.“ – вели Симона Георгиевска докторка.

Од министерството за здравство велат дека од нивна страна завршени се сите процедури и нагласуваат дека младите лекари се потребни за работа во вакциналните пунктови со оглед на епидемијата на голема кашлица во Скопје, но се чека на одобрување од Министерството за финансии.

„За овој заклучок од Националната Комисија за имунизација министерот за здравство д-р Илир Демири информираше на седница на Владата, по што е испратено до Министерството за финансии и се чека одговор од ДКСК поради предизборниот период.“ – велат од Министерство за здравство.

Од министерството за финансии нема одговор дали и зошто не се одобруваат пари. ТВ 24 праша која е причината што лекарите не можат да почнат со пракса, кога и како ќе се реши проблемот, но од кабинетот на министерот Бесими не одговорија на прашањата.

За младите лекари нејасно е како во услови кога јавното здравство се соочува со алармантен недостиг од персонал, државата не се труди да ги задржи во болниците.

„После шест години редовни студии и уште шест месеци поминат стаж за полагање на државен испит ние сме оставени во агонија и загриженост за нашата иднина. Секојдневно го слушаме парадоксот на нашиот систем кадешто очигледен е недостатокот на млади лекари а истовремено ние сме оставени да чекаме вработување и платена пракса која ни следува по закон. Доколку не се изнајде решение за жал ќе бидеме дел од многуте неправди кои институциите ги прават врз здравствените работници, иако си ја сакаме државата и сакаме да останеме тука.“ – вели Ивана Балоска докторка.

Шестмесечната платена пракса беше воведена во 2019 година од страна на министерството за здравство како мерка за мотивирање на младите лекари да останат во македонските болници, но од самиот старт се провлекуваат бирократските проблеми. Младите лекари пак порачуваат дека токму поради ваквиот несериозен и неорганизиран систем во државава, многумина од нив се одлучуваат за карта во еден правец каде, како што велат, ќе им биде вреднуван трудот и знаењето.