МНР: Изборот на компанијата во процесот на адаптација на салата „Борис Трајковски“ за ОБСЕ е целосно транспарентен и согласно процедурите

Министерството за надворешни работи денеска во соопштение истакна изборот на компанијата во процесот на адаптација на салата „Борис Трајковски“ за ОБСЕ е целосно транспарентен и согласно процедурите.

Владата, појаснуваат, го задолжила Министерството за надворешни работи, како носител на буџетот за претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, да спроведе постапка за набавка на градежни и други работи и услуги за реализација на внатрешната адаптација и надворешно уредување на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ за одржување на Конференцијата на министерскиот совет на ОБСЕ.

Како што соопштуваат од МНР, станува збор за најголемиот меѓународен политички настан кој некогаш се организирал во државата на кој ќе присуствуваат околу 70 министри за надворешни работи на земјите учеснички на ОБСЕ. 

-Адаптацијата на објектот на спортскиот Центар Борис Трајковски задолжително мора да се направи почитувајќи ги стандардите и безбедносните протоколи на ОБСЕ. Овој настан секоја земја претседавач го организира на крајот на годината од своето претседателство. За таа цел беа направени соодветни проценки на потребните работи кои беа одобрени од централата на ОБСЕ, а кои предвидуваат голем обем на работи утврдени со техничка спецификација согласно барањата на организацијата, се посочува во соопштението.

Од МНР велат дека постапката за јавна набавка на работи за предметната цел била спроведена придржувајќи се кон одредбите на Законот за јавни набавки и начелата на економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства, обезбедување конкуренција и транспарентност како и еднаков третман и недискриминација на економските оператори во која учествуваа четири фирми. 

-На јавната набавка се пријавија вкупно четири компании а изборот на изведувач на работите се вршеше врз основа на понудена најниска цена. Избраната компанија имаше понудено убедливо најниска цена, која достигнува разлика и до два и пол пати пониска од трето-рангираната и четврто-рангираната компанија. Увид во постапката и изборот кој е целосно согласно процедурите имаат сите институции и јавноста, а одлуката ја потврди и второстепената Комисија. За предвидените работи беше склучен договор во рамковен износ до 95 000 000 денари, а ќе се искористи согласно потребите и поединечните цени понудени како најниски за извршените работи, информира МНР.

Додаваат дека буџет за овогодинешното претседавањето со ОБСЕ ќе биде најмал во споредба со сите други во последните 10 години и дека е лесно достапен за проверка.