МНР на Германија и Чешка ветија поголема помош за Украина

– Министрите за надворешни работи на Германија и Чешка ветија дополнителна одбранбена помош за Украина во нејзината борба против руската инвазија, за време на состанокот одржан денеска на германско-чешката граница.

Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски ја опиша инвазијата како чин на „невидена империјална руска агресија“ и ја нарече Русија најголема закана за безбедноста во Европа.

– Чешката Република ќе остане со Украина додека не исчезне последниот руски тенк, рече Липавски од границата меѓу градовите Беренштајн во Германија и Вејпрти во Чешка.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок истакна дека сојузниците во НАТО на самитот на Алијансата во Вилнус се согласиле да ја зголемат воената поддршка за одбраната на Украина. Германскиот канцелар Олаф Шолц вети уште 700 милиони евра (785 милиони долари) помош за време на самитот.

Бербок рече дека „не само Европа, туку и поголемиот дел од светот“ стои на страната на Украина против руската агресија.