(ВИДЕО) Саудиска Арабија го претстави првиот робот со вештачка интелигенција, може да зборува и да танцува

Саудиска Арабија официјално го претстави својот прв робот кој може да зборува на различни арапски дијалекти, да изведува популарни локални танци и да одговара на прашања.

Роботот е претставен на конференција одржана во Ријад, а се работи за интерактивна машина која содржи вградена камера. Оваа камера користи вештачка интелигенција за откривање луѓе пред роботот, а потоа може да започне разговор кога посетителот ќе и се обрати со поздравот „Здраво Сара“.

Роботот Сара има способност да препознава дијалекти, може да анализира реченици и да ја разбере нивната содржина. Ова му овозможува на роботот да понуди релевантни одговори, кои може да ги испрати и во текстуална форма.

Во октомври 2017 година, Саудиска Арабија стана првата земја во светот која додели државјанство на робот. Тоа беше роботот Sophia произведен од Hanson Robotics од Хонг Конг. Софија дебитираше во Ријад.

„Почестена сум и горда на ова уникатно признание, ова е историски момент бидејќи јас сум првиот робот кој доби државјанство“, изјави тогаш Софија.
Некое време подоцна, Софија побара поголеми права за жените во Саудиска Арабија.

„Софија е голем застапник за правата на жените, правата за сите човечки суштества. Таа зборува за правата на жените во Саудиска Арабија и за правата на сите човечки суштества и сите живи суштества на оваа планета“, рече Дејвид Хансон, извршен директор на Hanson Robotics во тоа време.

Случајот на Софија веднаш стана главна тема на Интернет, каде се разговараше за тоа како роботот лесно добил државјанство во земја која дури и не им дозволува на жените да возат.

Активистите за човекови права тврдеа дека е апсурдно машина направена од човекот да има повисок социјален статус од целата женска популација.