Конференција на ОБСЕ за сајбер/ИКТ безбедност во Скопје

– Годишна Конференција за сајбер/ИКТ безбедност насловена „Луѓе, доверба, отпорност: градење сајбер безбедност за сите“ ќе се одржи денеска во Скопје, во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.

Конференцијата ќе ја отвори претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи.

-Сајбер/ИКТ безбедноста и подигнување на свеста за заштита од растечките закани од сајбер напади се дел од приоритетите во програмата на Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, се наведува во соопштението од МНР за конференцијата.

Годинешната Конференција за сајбер/ИКТ безбедност, има за цел да ја зајакне сајбер безбедноста и да изгради кохезивен политички пристап меѓу државните актери и другите засегнати страни, како што се приватниот сектор, академската заедница и невладините организации.

Конференцијата ќе послужи и како платформа за претставниците на земјите-учеснички во ОБСЕ, заедно со партнерските организации и другите чинители активно да се вклучат во суштинска дискусија за овие релевантни теми.