МНР на Македонија: Со загриженост и внимание ја следиме актуелната вонредна состојба во Грција

– Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека со загриженост и внимание ја следи актуелната вонредна состојба во Грција, настаната како резултат на последните шумски пожари, кои резултираа со човечки жртви и други големи загуби.

„Во оваа прилика, би сакале да изразиме сочувство до семејствата на загинатите и да им посакаме брзо закрепнување на повредените“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на земјата.

Според досегашните информации добиени од надлежните институции на Грција, меѓу загинатите нема државјани на Северна Македонија.

„Има еден повреден државјанин на Северна Македонија, возач на камион чија приколка се опожари додека поминувал преку подрачје зафатено со пожари, во близина на Александропулис. Возачот добил изгореници, кои се третирани во локалната болница. Во непосредна близина, се наоѓа и втор камион со македонски регистарски таблички, што поради механички дефект, не е во возна состојба. Тројцата наши државјани, кои се наоѓале во двата камиона, на време биле евакуирани и на пат се кон Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

„Министерството, преку својата Амбасада во Атина и Генералниот конзулат во Солун, одблиску ги следи состојбите и останува во тесна комуникација со грчките надлежни институции и нашите државјани. Воедно, апелираме до нашите државјани, доколку се наоѓаат во погодените подрачја и имaaт потреба за помош, да ја контактираат нашата амбасада во Атина, Генералниот конзулат во Солун или Министерството во Скопје“, се додава во ова соопштение на МНР.