Модриќ: Сакам да освојувам трофеи со Милан, мојата цел е да играм на Светското првенство во 2026 година

Капитенот на хрватската репрезентација, Лука Модриќ, денес беше официјално претставен како играч на Милан, на кој му се приклучи по истекот на договорот со Реал, за кој играше 13 години.

„Имав тринеделна пауза, се одморив, но исто така тренирав за да бидам во најдобра можна физичка форма. Ги гледав натпреварите против Арсенал и Ливерпул и видов многу позитивни работи. Се надевам дека тимот ќе продолжи да расте. Пораснав гледајќи италијански фудбал, Милан беше мојот омилен клуб во Италија. Исто така, мојот идол Звонимир Бобан играше за Милан, па затоа отсекогаш сум имал посебна врска со клубот“, рече 39-годишникот на почетокот на прес-конференцијата.

Тој верува дека може да му го понуди своето искуство на Милан.

„Ќе работам напорно, ќе дадам сè од себе да се обидам да го повторам она што го направив во други клубови. Знам дека очекувањата од мене се високи, но јас сум подготвен за тоа. Едвај чекам да го започнам овој предизвик и се надевам дека ќе ги исполнам нивните очекувања. Многу ја следам Серија А бидејќи таму играат многу хрватски играчи, а италијанската лига отсекогаш ми било задоволство да ја гледам. Таа е многу конкурентна и се враќа во периодот кога беше најдобрата лига во светот. Тимовите се многу организирани, што ја прави различна од шпанската Ла Лига. Морам брзо да се адаптирам на овој тип фудбал“, додаде тој.

Тој го памети Милан како еден од најдобрите тимови во светот.

„Не смееме да бидеме задоволни со просечна сезона или само со квалификација во Лигата на шампионите. Што се однесува до мојата визија за Милан, мора да бидеме и скромни: потребна е многу работа за да се врати клубот на највисоко ниво. Јас сум многу конкурентен и сакам да ја пренесам таа енергија во тимот. Минималната цел е да се квалификуваме за Лигата на шампионите, но Милан мора да се стреми да освојува трофеи, тоа е мојата цел и тоа треба да биде целта на секој што работи во Милан. Сепак, мора да останеме скромни и да имаме солиден, стабилен тим“, подвлече тој.

Една од неговите цели е да игра на Светското првенство.

„Прерано е да се каже. Целта е да се игра на Светското првенство, но прво мора да се квалификуваме. Не гледам премногу далеку напред, се обидувам да живеам во моментот и да ги правам работите како што треба. Затоа сакам да ја започнам оваа нова авантура, да се подготвам на најдобар можен начин за да бидам на нивото што го бара клубот. Ќе има време да се зборува за иднината“, рече Модриќ.