Може ли Охрид да биде точка на пресвртница во односите на Косово и Србија?

Македонскиот туристички бисер повторно е во центарот на вниманието на политичката сцена на Западен Балкан, бидејќи 18 март, во претседателската „Вила Билјана“ закажана е нова средба на разговори помеѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ.

Вид риба пастрмка, богатата историја, култура, автентична архитектура…Но, покрај природните, културните и историски знаменитости, градот пред повеќе од две децении стана препознатлив и на мапата на меѓународната дипломатија бидејќи токму во Охрид беше потпишан Охридскиот рамковен договор. Со овој договор, чиј гарант беше меѓународната заедница претставана од САД и ЕУ, потпишан на 13 август 2001 година, се стави крај на вооружениот конфликт меѓу Албанците и Македонците и беа унапредени правата на албанската етничка заедница.

Речиси 22 години подоцна, градот познат и по епитетот „бисер балкански“, повторно е во центарот на вниманието на политичката сцена на Западен Балкан, бидејќи токму во овој град на 18 март, во претседателската „Вила Билјана“ закажана е нова средба на разговори помеѓу Косово и Србија со посредство на Европската унија (ЕУ).

Напредок по подолг период на тензии

Очекувањата од оваа средба пораснаа поради фактот дека по подолг период на тензии и напнатост во односите на релација Белград-Приштина, на последниот одржан состанок во Брисел кон крајот на минатиот месец, одржан во рамките на процесот на дијалогот, високиот комесар на Европската унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика Џозеп Борел изјави дека страните постигнале согласност за европскиот план за нормализација на односите помеѓу двете земји.

Високиот европски дипломат тогаш изјави дека косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ изразиле подготвеност околу имплементацијата на планот, како и дека останува преговорите да продолжат околу начинот и роковите на имплементацијата, притоа објавувајќи го текстот на договорот кој содржи 11 точки. Сега, во пресрет на состанокот во Охрид, Борел преку соопштение нагласи дека „е време челниците на Косово, Србија и целиот Западен Балкан да покажат храброст и заедничка одговорност за успехот на процесот кон пристапување на регионот во ЕУ.“

„Оваа средба е поинаква од претходните. Не само затоа што со Вучиќ и Курти ќе се состанам во регионот – во Охрид, а не во Брисел – туку и затоа што нашата расправа ќе ја насочиме кон спроведување на анексот на договорот со ЕУ, кој ќе резултира со далекусежна нормализација на односите помеѓу Косово и Србија“, напиша Борел во пресрет на состанокот.

Северна Македонија: Место со посебна симболика за важни договори за Косово

Во однос на подигнатите очекувањата од претстојниот состанок во Охрид неодамна говореше косовскиот премиер Курти за време на еден регионален настан во Скопје, при што потсети дека Северна Македонија има посебна симболика бидејќи е земја каде што и порано се потпишани важни договори поврзани со Косово.

„Да не заборавиме дека на 9 јуни 1999 година, токму во Куманово беше постигнат договор за капитулација на Југославија на Милошевиќ и за влез на трупите на НАТО во Косово. Затоа мислам дека овие симболични елементи на Северна Македонија беа важни за господинот [Жозеп] Борел што нè покани да дојдеме овде на следниот состанок на високо ниво“, нагласи Курти. Пред само неколку дена, тој исто така изрази оптимизам дека договорот ќе биде постигнат на состанокот на 18 март, но нагласи дека тоа не зависи само од него.

Вучиќ: Во Охрид нема да биде никаков судбоносен ден

Од друга страна, во обраќањето до јавноста вчера, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во Охрид на 18 март нема да биде никаков судбоносен ден како и дека досега не е доставен имплементационен план на ЕУ за Косово. Српскиот претседател рече дека во изминатите денови водел разговори за да види што е неппходно да се стигне до нормализација на односите со Приштина и дека за него „нормализација не е признавање, туку подобри односи на Србите и Албанците.“

Фокус на имплементацијата на европскиот план

Во рамките на подготовките за состанокот во Охрид, Вучиќ кон почетокот на оваа недела се состана со посебниот претставник на ЕУ за дијалог на Косово и Србија, Мирослав Лајчак, со кој разговараше за европскиот предлог за Косово, формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) во Косово и други потребни чекори со цел нормализација на односите на Србите и Албанците.

Потоа, Вучиќ рече дека ЗСО е предуслов за нормализација на односите на Србија и Косово и дека за безбедноста и заштита на правата на српскиот народ во Косово.

Косовскиот премиер Курти рече дека од добро познати модели, според кои се организирани националните малцинства во рамките на ЕУ, ќе се земат елементи на основа на кои малцинствата во Косово би биле третирани на вистински начин. Поконкретно, Курти појасни дека разгледувале 15 модели за Заедницата на општини со српско мнозинство, кои ги претставил специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот на Косово и Србија, Мирослав Лајчак.

Во последните месеци меѓународната заедница преку своите дипломатски претставници на ЕУ и САД, Жозеп Борел и Габриел Ескобар, ги интензивираше дипломатските напори за остварување напредок кон решение за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, а во Охрид Курти и Вучиќ се очекува со Борел конкретно да разговараат за имплементацијата на европскиот план за нормализација на односите помеѓу двете земји.

Во време кога на тлото на Европа повеќе од година дена трае војната на Русија во Украина која носи свои безбедносни, политички и економски последици по целиот регион, на состанокот во Охрид се гледа како на можност на позитивно придвижување на процесот на дијалогот помеѓу Белград и Приштина и шанса за пресвртница во нивните односи што би било оценето како позитивен момент во поглед на пошироката слика за Западен Балкан.

Сумирано, очекувањата од состанокот во Охрид на 18 март се Курти и Вучиќ да се усогласат околу имплементацијата на европскиот план за нормализација на односите на Косово и Србија.

TRT Balkan