МОН: Исплатени се студентските стипендии заклучно со март

– Министерството за образование и наука сопшти дека  се исплатени средствата за студентски стипендии, со што сите стари и нови корисници на стипендии ги добиле парите за тековната академска година, заклучно со март.

-Во меѓувреме, исплатена им е и втората рата на сите студенти кои имаат потпишано анекс кон договорот за стипендија и навремено доставиле спогодба за користење зголемен износ на стипендија. Со оваа исплата се надоместува разликата помеѓу стариот и новиот зголемен износ на стипендијата што ја користат, за пет месеци, информира  Министерството за образование и наука.

МОН наведува и дека етапно се реализира исплатата на средства за субвенционирање на патните трошоци за сите студенти кои студираат надвор од местото на живеење и го оствариле правото за користење на оваа антикризна мерка која предвидува месечен надомест до 1.200 денари за период од седум месеци.

-МОН се грижи за студентите и го унапредува студентскиот стандард. Со редовните исплати на финансиските права, младите добиваат голема поддршка и имаат една грижа помалку во текот на образовниот процес, стои во соопштението на Министерството за образование и наука.