– Група составена од претставници на повеќе институции и чинители на воспитно-образовниот процес работи на подготовка на првата нацрт-верзија на новиот Закон за учебници во основното и средното, соопшти Министерството за образование и наука.
МОН во соопштение наведува дека ова е негова иницијатива и на Педагошката служба со единствена цел да се унапреди квалитетот на содржината на учебници, да се намали веројатноста од појава на грешки од различна природа во содржината и да се поедностави процесот на набавка и навремена испорака до училиштата.
-Потребата од ново законско решение во интерес на образовниот систем и квалитетот на воспитно-образовниот процес во државата е повеќе од очигледна поради неопходноста од поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција, односно поголем број автори со свои ракописи, како и рецензенти за одобрување на ракописите да се пријавуваат на јавните огласи, информира МОН.
Во новото законско решение, посочува Министерството, ќе бидат интегрирани сите конструктивни предлози што пристигнале на неговата адреса од јануари, кога беше повикана јавноста да даде забелешки и сугестии на постојното законско решение.
-Јавната дебата ќе продолжи со проследување на нацрт-законското решение до Владата, од каде ќе биде објавено на ЕНЕР-системот, а потоа и проследено до Собранието на финална дискусија и конечно усвојување, соопшти Министерство за образование и наука.