Москва претрпе штета од 7 милијарди долари – Зеленски дава детали за нападот врз руските воздухопловни бази „кои ќе бидат запишани во книгите по историја“

Володимир Зеленски ја даде својата прва реакција на нападот на Украина врз повеќе руски воздухопловни бази, нарекувајќи го „апсолутно одличен резултат“.

„Една година, шест месеци и девет дена од почетокот на планирањето до ефективното извршување“, напиша тој во објава на социјалната мрежа X, означувајќи ја „нашата најдолготрајна операција“, пишуваат странските медиуми, според Телеграф.

Украинскиот претседател рече дека оние вклучени во подготовката на операцијата се повлекле од руска територија на време, и покрај тоа што руското министерство за надворешни работи претходно тврдеше дека „некои учесници“ се приведени.

„Секако, не може сè да се открие во овој момент, но ова се украински акции кои несомнено ќе бидат запишани во книгите по историја“, додаде тој.

„Украина се брани, и со право – правиме сè за Русија да почувствува потреба да ја заврши оваа војна.“

„Русија ја започна оваа војна, Русија мора да ја заврши.“

Во посебна порака на Телеграм, Зеленски рече дека во операцијата биле користени 117 дронови и потврди дека „нашите луѓе биле изнесени од руска територија… тие сега се безбедни“.

Да потсетиме дека неговата реакција дојде по големиот украински напад врз повеќе воздушни бази длабоко во Русија.

Во меѓувреме, во објава на Телеграм, украинската безбедносна служба соопшти дека проценетата цена на „непријателската стратешка авијација“ погодена во нападот во неделата е 7 милијарди долари.

„34% од стратешките ракетни носачи на главните аеродроми на Руската Федерација беа погодени“, додаде СБУ.

Тој рече дека прави сè „за да го протера непријателот од нашата родна земја“ и вети дека ќе ја победи Русија „на море, во воздух и на копно“.