Москва тврди дека е спречен напад на Кримскиот мост, а Киев дека е пробиена руската одбрана кај Запорожје

Москва соопшти дека во текот на ноќта уништила три украински беспилотни пловни објекти чија цел бил Кримскиот мост, а Киев, пак, тврди дека успеале да ја пробијат руската одбранбена линија на фронтот на неколку места.

Министерството за одбрана на Руската Федерација објави дека „ноќеска околу 02:20 часот по московско време, во Црното Море, се уништени три украински чамци без екипаж, кои Киев ги испратил да извршат терористички напад на Кримскиот мост“.

Спречен бил и обид за украински напад со два дрона над Белгородската област во Русија.

Украинските војници, пак, како што соопштија власите во Киев, ја пробиле првата одбранбена линија на руските сили на неколку места, иако, како што се наведува, потоа наишле на посилно утврдени руски позиции.

Заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Маљар рече дека е постигнат напредок во регионот Запорожје. И Вашингтон, исто така, објави дека украинските сили постигнале значителен напредок на јужниот фронт во последните 72 часа.

Од друга страна, Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руските вооружени сили зазеле неколку стратешки височини во близина на Купјанск, град во источна Украина, каде што московските трупи го зголемија притисокот од август. Исто така, се тврди дека украинските сили претрпеле „значителни“ загуби.