“МОЈОТ ТАТКО И ВАЊА ЃОРЧЕВСКА НЕ СЕ ПОЗНАВАА“ – Ќерката на убиениот човек од Велес тврди: “Мојот татко никогаш не беше богат човек…“

Една недела македонската јавност бараше одговор на прашањето каде исчезна Вања Ѓорчевска. Случај што ја потресе не само Македонија туку и целиот регион.

Претходната вечер (недела), Министерството за внатрешни работи (МВР) ја соопшти трагичната вест – 14-годишната девојка која исчезна на пат кон училиште во Скопје е убиена, а оваа информација речиси и не даде конкретен одговор, туку само отвори низа прашања.

Вања Ѓорчевска

Вања Ѓорчевска, девојчето за кое цела недела се молеше Македонија, била убиена истиот ден односно на денот на киднапирањето (27. ноември) околу 10 часот – два и пол часа откако исчезна.

За мистеријата да биде уште поголема, истите убијци го убиле и велешанецот Панче Жежовски (74 г.), чие тело било пронајдено во близина на Велес.

Информацијата ја потврдија од Министерството за внатрешни работи, објаснувајќи дека мотивот за двете убиства, кои ги извршиле истите убијци, бил личен интерес.

Според информациите, Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски никогаш во животот не се сретнале и не се познавале, иако имаше разни тврдења дека тие се во роднинска врска.

Ова го потврдила ќерката на Панче Жежовски, ниту еден член од нејзиното семејство не ја познава Вања Ѓорчевска или некој од нејзиното семејство.

Ниту татко ми, ниту некој од нас лично не ја познаваше девојката. Јас сум во полициска станица, сè уште не знам ништо, освен дека татко ми е пронајден мртов, закопан. За првпат од вас новинарите слушам дека мотивот за убиството е личен интерес. Не го прочитав соопштението на МВР, но можам да кажам дека татко ми никогаш не беше богат човек, па не знам што значи поимот личен интерес. Во станица сум, не можам да кажам ништо повеќе, бидејќи и јас немам никакви детали“, изјавила ќерката на убиениот 74-годишен маж.

Потсетуваме, Панче Жежовски се води за исчезнат од 22. ноември, но неговото исчезнување во полиција било пријавено на 24. ноември – петок. Неговиот автомобил бил пронајден целосно изгорен пред неколку дена во Скопје.

Телото на Вања Ѓорчевска, која е убиена од истите лица како Панче Жежовски, е пронајдено во околината на Скопје. За мотивот – според МВР стои личен интерес, а кој предизвика бурни реакции во јавноста која бара објаснување за каков личен интерес може да се работи кога се работи за дете и пензионер, првата неофицијална информација е дека се работи за обид да се земат пари од родителите на Вања Ѓорчевска, во нејзиниот случај.

Како што соопшти МВР, за двата случаи осомничени се пет лица, од кои три се приведени, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица.

По објавувањето на веста која ја потресе цела држава, на социјалните мрежи веќе е покрената петиција со која се бара смртна казна за убијците кои кренале рака врз детето. 

Министерството за внатрешни работи (МВР) на чело со министерот Оливер Спасовски имаат закажано прес-конференција за во 09:30 часот каде се очекува да се даде одговор на сите овие мистериозни прашања. Повеќе детали во текот на денот.