– Со музичко-поетски хепенинг вечерва во Пехчево одбележан Светскиот ден на книгата. Настанот го организираше Матичната библиотека „Кочо Рацин“, а во рамки на истиот беа доделени наградите за најредовните читатели. Епитетот за најчитател за изминатата година го понесе Ајнура Арнаутова, како читател со најмногу прочитани книги во текот на изминатата година. Наградата и ја додели директорката на библиотеката Габриела Костадинова која констатираше дека установата е една од ретките во Македонија со најмногу читатели.
– Ајнура Арнаутова како наша читателка има прочитано 84 книги изминатата година, со што заслужено го понесе епитетот најчитател за изминатата година. Можеме слободно да кажеме дека единствено во библиотеката во Пехчево имаме најмногу читатели рекордери. Комуницирајки со колегите од другите библиотеки можам да потврдам дека нашата библиотека иако е најмала има најмногу читатели рекордери. На овој настан им се заблагодаруваме на сите и им посакуваме уште долго да другаруваат со книгата, истакна Костадинова.
Јован Веселински од Пехчево кој е еден од најредовните посетители на библиотеката во Пехчево, порача да се негува установата која навршува 100 години постоење.
– Она што можам да го кажам е дека 90 посто од постарите книги кои се наоѓаат во библиотеката јас ги имам прочитано. Нашата библиотека е најстара институција во градот, постои од 1923 година и годинава ќе одбележи 100 години постоење. Јас сум бил тука и кога сакаа да ја снема библиотеката, но ние ја одржавме и пожелувам и понатаму да се одржи, рече Веселински.
Во рамки на настанот свој настап имаа ученици од гимназијата Ацо Русковски под менторство на професор Драган Колевски. Освен на најчитателите за изминатата година библиотеката додели благодарници и подарок книга и за своите соработници.