Мурињо: Среќен сум кога ме напаѓаат луѓе кои се казнети поради обложување во фудбалот

Рома загуби од Интер на „Олимпико“ со 2:0, па Римската волчица сега е многу подалеку од место кое води во Лигата на шампиони за следната година. По завршување на дуелот, тренерот на Рома, Жозе Мурињо ги собра своите фудбалери на теренот и им даде порака, која потоа ја откри пред јавноста.

„Едноставно им реков на играчите дека сум неверојатно горд на сето тоа што го направија, иако играа и кога беа многу уморни, кога играа буквално и со една нога или со скршени ребра и инјекции против болки. Публиката беше неверојатна. Играчите и фановите направија нешто фантастично“, рече Мурињо, кој не заборави да возврати на сите оние кои го критикуваа по неговата жестока реакција дека судијата на дуелот против Монца е најлошиот што некогаш го има видено.

„Среќен сум кога ќе ме критикува некој кој добил три години забрана за играње поради обложување во фудбалот. Довидување“, рече Мурињо без да дозволи да му бидат поставени прашања.

Мурињо со последната изјава мислел на Ренцо Уливиери, кој е претседател на Здрушението на италијански тренери, барем според пренесувањето на Footballitalia.