Муртезани – Бока: Северна Македонија и Унгарија се поврзани со длабоки пријателски односи

– Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, го пречека својот унгарски колега, Јанош Бока, кој престојува во работна посета на Скопје.

Министерството за европски прашања соопшти дека двајцата министри ја потврдиле заедничката определба за продлабочување на односите меѓу двете земји, особено во областа на поддршката во пристапниот процес кон Европската Унија.

На заедничката прес-конференција по средбата, Муртезани ја истакна водечката улога на Унгарија во претседателството со Советот на ЕУ минатата година, нагласувајќи дека во тој период прашањето за проширувањето на Европската Унија и интеграцијата на Западен Балкан било високо на листата на приоритети и на европската агенда.

„Северна Македонија и Унгарија се поврзани со длабоки пријателски врски, а билатералната соработка добива уште позасилена динамика. Унгарија одамна ја има нашата благодарност за гласната поддршка за нашиот евроинтегративен пат“, рече Муртезани.

Двајцата министри потпишаа и Меморандум за соработка меѓу двете министерства, кој поставува основа за долгорочна институционална соработка, размена на искуства, административна поддршка и координација во насока на усогласување со европското законодавство и ефективно користење на европските фондови.

Муртезани изјави дека со потпишувањето на овој меморандум, блиската соработка меѓу двете земји добива институционална димензија и стабилна рамка.

„Овој документ не претставува само формализирана административна алатка, туку е израз на нашата заемна посветеност за продлабочување на партнерството преку размена на знаење, искуства и заеднички напори кон исполнување на европските стандарди.“

Според него, со оваа соработка Северна Македонија и Унгарија уште еднаш покажуваат дека Европа не е само географија или бирократија, туку заедничка цел, заеднички вредности и заедничка верба дека политиката на проширување е една од најважните стратешки цели на Европската Унија, којашто својата привлечност и трансформативна моќ ја црпи токму од обединувањето – како суштински европски концепт на солидарност, заемна поддршка и визија за континент кој не се гради на поделби, туку на поврзувања, вредности и заедничка иднина.