Муртезани-Доти: Берлинскиот процес придонесува за зајакнување на регионалната соработка повеќе од една деценија
Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, вчера во Лондон оствари билатерална средба со државниот министер за Европа, Северна Америка и териториите на Обединетото Кралство, Стивен Доти, на маргините на Конференцијата на високо ниво за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.
Муртезани и Доти разменија мислења за најактуелните политички случувања во регионот на Западен Балкан и важноста на Берлинскиот процес како клучна политичка и развојна рамка која повеќе од една деценија придонесува за зајакнување на регионалната соработка, економските врски и усогласеноста со европските стандарди.
„Министерот Муртезани ја истакна важноста на оваа иницијатива како механизам што овозможува конкретни проекти во областите на инфраструктурата, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната поврзаност и социјалната кохезија, нагласувајќи дека Северна Македонија останува силно посветена на своите цели во Берлинскиот процес и европската иднина на целиот регион.“
Посебен акцент за време на разговорот беше ставен на билатералната развојна соработка, која претставува еден од најважните столбови на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната британска поддршка, која во текот на последната деценија резултираше со имплементација на повеќе од 160 проекти финансирани од британскиот буџет во различни области: од добро управување, јавна администрација и владеење на правото, до промоција на мултикултурализмот и инклузијата.
Воедно, беше истакната успешната соработка во рамките на TWINNING проектите со британски партнери во областите на полициска реформа, контрола на државната помош и зајакнување на институционалните капацитети за еднаквост и правична застапеност. Министерот нагласи дека британската поддршка во време на криза, како што е за време на мигрантската криза и пандемијата COVID-19, е доказ за пријателството и одржливото партнерство меѓу двете земји“, велат од Министерството за европски прашања.