Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, ги обвини Град Скопје и градското претпријатие „Лајка“ дека немаат стратегија за справување со уличните кучиња и најави дека неговата општина ќе ја преиспита одлуката со која одвојува средства за оваа намена.
„Ние, како локална самоуправа во изминатиот период одвојуваме значителни средства од сопствениот буџет кои се префрлаат во буџетот на Градот Скопје, со цел ефикасно справување со овој проблем. Во неколку наврати од моја страна е побарано градската администрација да преземе мерки за решавање на овој проблем. За жал, секојдневните коментари, фотографии и снимки од теренот покажуваат дека тие не успеваат да најдат решение за овој проблем кој целосно е во нивна надлежност“, објави Муцунски на својот Facebook профил.
„Јас и понатаму стојам на ставот дека неопходно е Градот да изнајде соодветно решение за третирање на уличните кучиња и тоа мора да се направи веднаш. Доколку актуелното раководство на Град Скопје во следниот период не успее да изнајде решение, Општина Аеродром ќе ја преиспита одлуката со која се одвојуваат средства за оваа намена.
Искрено жалам за сите непријатности со кои се соочуваат граѓаните и токму поради тоа уште еднаш барам Градот Скопје итно да преземе мерки за соодветно решавање на овој проблем, кој за жал секојдневно ескалира“.