Навала по германско оружје: Еве кој „грабнал“ најмногу

Годинава германските производители на оружје забележаа рекорден извоз, пред се поради испораките во Украина.

Во првите три квартали владата одобри извоз на оружје во вредност од 8,76 милијарди евра. Тоа е веќе повеќе од извозот во цела минатата година (8,36 милијарди евра).

Така, по голема веројатност до крајот на годината германската наменска индустрија ќе го собори рекордот од 2021 година, кога извезе оружје во вредност од 9,35 милијарди евра.

Повеќе од една третина од извозот е одобрен од владата за Украина, објави во понеделникот Министерството за економија. Оружје во вредност од 3,3 милијарди евра отиде во Украина во првите три квартали, што е повеќе од четири пати повеќе од целата минатата година.

Во земјите од Европската унија и НАТО и другите партнерски земји – Јапонија, Швајцарија, Австралија и Нов Зеланд – германската воена индустрија извезла стока во вредност од 4,33 милијарди евра. Меѓу нив, најмногу за Унгарија (1,03 милијарди), која сега силно се вооружува.

Оружје во вредност од 1,16 милијарди евра е извезено од Германија во други, таканаречени трети земји надвор од ЕУ и НАТО, без Украина, до крајот на септември, повеќе од цела минатата година (992 милиони евра). Најмногу оружје увезла Јужна Кореја, во вредност од 251 милион евра.

Меѓу првите 10 земји кои увезуваат германско оружје, освен Украина и Јужна Кореја, нема ниеедна друга од третите земји.