Најпознатиот руски критичар на власта на Путин, опозиционер и затвореник, Алексеј Навални, се пожали дека бил принуден да го слуша истиот говор од рускиот претседател повеќе од 100 дена по ред. Станува збор за говорот на Путин од февруари годинава, во траење од 1,46 час, а се пушта секој ден пред ќелијата на Навални, пишува Скај Њуз.
Одбележувајќи го 100-от ден од емитувањето на говорот на Путин, Навални соопшти дека му било кажано дека ќе мора да го слуша говорот цела 2023 година.
„Кога Путин ќе го одржи своето следно годишно обраќање, и тоа ќе почнат да ни го пуштаат“, рече тој.
Во годинашното обраќање пред Федералното собрание во Москва, Путин кажа дека „специјалната воена операција“, како што Русија ја нарекува војната во Украина, била спроведена со цел „да се елиминира заканата од неонацистичкиот режим“.
Во таа прилика Путин нагласи дека Русија направила „се што можела“ за да ги реши разликите „по мирен пат“ и го обвини Западот дека ја подготвува Украина за „голема војна“, со снабдувањето со оружје.
Навални во моментов отслужува вкупно 11 и пол години затвор, но се соочува и со нови обвиненија за создавање екстремистичка организација. Доколку биде прогласен за виновен во новиот случај против него, може да биде осуден на затворска казна до 30 години