Самитот во Вилнус заврши со голема поддршка за Украина

Додека Украина продолжува да ослободува територии, ние ќе застанеме покрај неа додека тоа биде потребно, рече Столтенберг

Самитот на НАТО во Вилнус заврши со силна поддршка за Украина, а сојузниците се согласија околу триделниот пакет „со цел Украина да ја приближат до Алијансата“, додека земјите на Г-7 потпишаа заедничка декларација за безбедносни гаранции за Киев, известува Анадолу.

Во завршниот збор генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека сојузниците го затвориле историскиот Самит со договор за „најдетални и најсилни планови за одбрана уште од Студената војна“.

Наведувајќи дека потврдиле оти Украина ќе се приближи кон Алијансата и ќе се зајакне поддршката на долги патеки, Столтенберг рече дека НАТО и Украина отсега ќе се состануваат во Советот НАТО-Украина за да разговараат како рамноправни партнери.

„Ги поздравувам новите најави за воена поддршка што ги дадоа сојузниците во НАТО на овој Самит“, рече Столтенберг.

Потсетувајќи дека воената помош што ја дале сојузниците е вредна десетици милијарди долари и на сојузничката обука на десетици илјади украински војници, Столтенберг продолжи со зборовите:

„Додека Украина продолжува да ослободува територии, ние ќе застанеме покрај неа сѐ додека тоа биде потребно.“

Столтенберг спомена и дека новиот повеќегодишен пакет помош за Украина, кој е одобрен во вторникот, треба да ѝ се помогне на Украина за да може нејзината војска која е опремена и обучена според советските стандарди, да се адаптира кон стандардите на НАТО, сѐ со цел нејзините сили да бидат целосно интероперабилни со НАТО.

„Украина сега е поблиска до НАТО отколку кога било претходно“, рече Столтенберг, зборувајќи за исполнувањето на условите за Акцискиот план за членство на Украина во Алијансата.

„Ќе ја повикаме Украина да се вклучи во НАТО кога сојузниците ќе се согласат дека се исполнети условите. Ова праќа јасна, силна и обединета порака од нашиот Самит во Вилнус“, рече генералниот секретар на НАТО.

Зборувајќи за состанокот со индопацифичките партнери, Столтенберг рече:

„Глобалната наметливост на Пекинг и војната на Москва против Украина создаваат потреба од уште поблиска координација меѓу НАТО, ЕУ и нашите индопацифички партнери.“

Според неговите зборови, НАТО се соочува со најсериозна безбедносна ситуација во последните неколку децении, а сојузниците се соочуваат со предизвик.

„НАТО е обединет како никогаш досега, цврсто стои во одбрана на нашите народи и нашите вредности“, истакна Столтенберг.

Тој им се заблагодари на претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, и на литванската Влада бидејќи беа домаќини на историскиот Самит.