Надеж за затоплување на односите? Трамп рече дека ќе соработува со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во четвртокот дека Иран се стреми кон соработка на поширок мировен договор за Блискиот Исток, откако го поддржа неговиот план за воспоставување примирје во Појасот Газа.

„Иран сега сака да работи во мир. Тие нè информираа и потврдија дека се целосно за овој договор. Тие мислат дека е одлична работа, па затоа го цениме тоа и ќе соработуваме со Иран“, рече Трамп додека се подготвуваше да замине за Блискиот Исток овој викенд.

„Како што знаете, имаме големи санкции врз Иран и многу други работи. Би сакале и тие да можат да ја обноват својата земја, но не смеат да имаат нуклеарно оружје“, додаде тој.

Трамп алудираше на нападите што ги одобри врз нуклеарната програма на Иран во јуни, за кои тој и неговите високи функционери велат дека целосно ги уништиле сите нуклеарни капацитети на Иран.

Иран постојано негира дека развива нуклеарно оружје и тврди дека неговата програма е чисто цивилна. Фатвата на врховниот лидер ајатолахот Хаменеи го забранува развојот на ова оружје.

Американскиот претседател во среда навечер за време на интервју за „Фокс њуз“ изјави дека Техеран бил „околу еден месец, можеби два месеци, далеку од тоа да има нуклеарно оружје“ кога ги започнал нападите за време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел.