Во прво одделение основно образование во 16 општински основни училишта во Куманово се запишани вкупно 1079 ученици, информираа денеска од Секторот за образование. Бројот е речиси идентичен како минатата година. Во основните училишта има околу 10 000 ученици.
– Во споредба со останатите општини во државата, каде има пад на број на запишани ученици, во Куманово одиме по права линија. Не е дефинитивна бројка, зашто дел од родителите кои се на сезонска работа во земјава и соседството најавиле дека ќе ги запишат децата наредната недела, изјави раководителот на Секторот, Александар Јовановиќ.
Најмногу ученици има во централните градски училишта, најмалку во пооддалечените рурални средини. Во Габреш, каде наставата се изведува во комбинирани паралелки, годинава нема запишан ученик во прво одделение. Тој потсети на субвенцијата од 2.000 денари за секој првоодделенец.
– Вкупната бројка на ученици во овие училишта од прво до деветто одделение изнесува 9951, велат од општинскиот сектор за образование и наука.
Надлежните ги загрижува благиот одлив на дел од учениците
– Лани се отпишале 397 ученици, најмногу мигрирале во западноевропски земји, мал дел во државата, изјави Јовановиќ.
Во прва година средно образование во четири општински училишта: гимназија „Гоце Делчев“ гимназија „Сами Фрашери“, СОУ „Перо Наков Куманово“ и ОСТУ „Наце Буѓони“ Куманово, запишани се вкупно 917 ученици во прва година, како и 198 во државното „Киро Бурназ“.
Вкупната бројка на ученици во овие училишта изнесува 3986 и 610 од „Киро Бурназ“.
Што се однесува до реконструкцијата на кровот на „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, таа се спроведува тековно и дел од учениците со согласност на родителите се изедува во други објекти, гимназијата „Гоце Делчев“.